vreme-startap

Дали некогаш сте побарале совет од пријател за одредена ситуација? Дали ги прашувате вашите родители за мислење кога треба да донесете важни одлуки? Дали можеби имате идеја за некаков продукт или услуга (понатаму ќе го нарекувам проект) која потенцијално би се развила во бизнис, а ве интересира дали ќе успее?

Никој нема да може со сигурност да ви одговори на ова. Меѓутоа, можете да ги зголемите шансите за успех. Решението е пресекот на сите овие случаи, а тоа е да се добие најдобриот одговор – оној кој вистински ќе “отслика” што мисли другата страна.  Затоа, денес зборуваме за објективен фидбек. После дефинирање на тоа што е стартап, куса дискусија околу бирањето на идеја и зошто е важно да се размислува за стартапи, мора да обрнеме внимание и на овој дел. Добивањето објективен фидбек за проектот има многу важна улога во стартап процесот, бидејќи ако не се добие како таков, може да резултира во залудно инвестирани нерви, време, пари…зошто да не го избегнете тоа?

filter

Еве едноставно сценарио. Вие сте стартап ентузијаст или истражувач во одредена област. Сакате да креирате нешто ваше и сакате другите да го користат. Претпоставувам дека ќе работите на нешто кое вас ве тангира или ви претставува проблем, а за кое имате знаење и желба да го подобрите (сосема погрешно би било да е поинаку).

Во ваква ситуација, избраниот проект добива сентиментално значење за вас, бидејќи нормално е да се поврзете со она на кое работите и кое ви значи. Работата е што од бизнис аспект, продуктите се креираат за да ги користат (и платат) повеќе луѓе, а кога ќе се создаде емотивна врска со проектот, постои опасност му да се прецени потребата, вредноста и/или импактот. Затоа, потребно е да се направи истражување и анкетирање, со цел да се види што мислат оние кои ќе го користат / купат она што го нудите. Патем, корисници не секогаш се оние кои купуваат. Кога мајката купува играчка за детето, дали детето е купувач или корисник?

Како и да е, да се вратиме назад на денешната тема. Сакам да ви поставам многу важно прашање: како го презентирате она на кое работите на други луѓе? Притоа, не мислам на класичен pitch.

miki

Еве ја евалуацијата на проблемот: ние луѓето, генерално, не сме реални кога презентираме нешто свое. Излегуваме надвор и им велиме на пријателите, колегите или кој и да е тој кој се анкетира: “Еј, работам на ова и ова, сакам да го направам вака и вака, потрошив многу време…што мислиш за идејава?” или ” Еј, работам на ова и ова, сакам да го направам вака и вака, ќе биде супер, навистина сум возбуден/а околу ова, што мислиш за идејава?”. Ова е само груб опис и сумаризација на она што се случува. Очигледно е дека личноста која го слуша ова, нема да биде во можност да реагира било како поинаку, освен да каже – супер!

dete

Во тој момент сте си пукале во глава (метафорички кажано), бидејќи несвесно сте и’ влијаеле на другата страна со она “..потрошив многу време..” или “..ќе биде супер..” и сте добиле нереално мислење. Една од причините е и вашето его, бидејќи природно e да тежнеете да добиете одобрување од другите, како и да ги фаворизирате мислењата на луѓето кои се поклопуваат со вашите.  Во ваков случај, најверојатно нема подлабоко и понатаму да размислувате за веродостојноста т.е. објективноста на добиениот одговор. Патем, ако се препознавте, не се грижете, не сте сами – и јас имам направено вакви грешки :)

data_scientist2

Ова е главната причина зошто е потребно да се најдат други начини за да се добие квалитетен фидбек. Во одредени ситуации ќе сакате да се консултирате со поискусни луѓе, да платите професионалци кои ќе ја завршат работата за вас или, пак, самостојно ќе се обидете ја подобрите стратегијата за анкетирање, со цел да добиете валидни податоци. Кога станува збор за истражувања, може да го користите водичот на Nesta или “The Mom Test” од Rob Fitzpatrick (концептите се генерално применливи и за научни и за обични истражувања). Втората книга нема да можете да ја најдете онлајн бесплатно, но може да го гледате Rob на YouTube или да ја прочитате неговата SlideShare презентација. Книгата на Steli Efti исто содржи добри совети и пример прашања кои треба да ги поставите во процесот на анкетирање(а и други корисни насоки за стартапи). Искористете free trial на Safari Books за да ја прочитате.

Добра пракса е и да се измени пристапот. Наместо да заглавувате во објаснувања и да ризикувате да добиете неквалитетни одговори, разговарајте со луѓето за нивните проблеми. Направете обсервација – што е она што им треба? Истражете слични продукти, читајте ги нивните критики. Прашајте ги оние кои ги интервјуирате кога последен пат користеле нешто слично на она кое вие го нудите и дали планираат да го користат (платат) во иднина. Пример, имате некаква нова апликација за автобуси. Наместо да објаснувате каква е апликацијата, ќе прашате нешто во стил:

  • Кога последен пат користеше апликација за автобус?
  • Што е она што би сакал да се подобри во неа?
  • Дали често ја користиш и дали би ја користел во иднина?

Кога се дискутира на овој начин, се намалува и веројатноста (аналогно и стресот) дека некому сте изнеле технички детали од вашиот (иновативен) проект – за ова подетално ќе дискутирам во друг пост. Употребете методологија на агилен развој на проектот.

win

Истражувањето навистина вреди. Кога ќе поставите се’ на хартија и кога ќе го поддржите со докази (цитати до научни истражувања, случаи од пракса, резултати од анкети, закони итн.), сте победиле во првата битка. Што е уште подобро,ова ќе можете да го искористите на повеќе начини: да имате доказ дека продуктот е потребен, да го испратите како труд на конференција, да аплицирате на натпревар или да презентирате пред инвеститор. Внимавајте и да не заглавите премногу во процесот на истражување, како и во процесот на пуштање на основниот прототип во употреба. Интересот на луѓето, условите и потребите може многу да се изменат, ако дозволите да помине премногу време. Во најлош случај, тоа значи дека се’ што сте сработиле, паѓа во вода и дека повторно сте на почетна позиција.

На крајот од денот, секогаш обидете се да бидете креативни и да направите нешто интересно. Се се’ исплати, ако вложувате напори и навистина го сакате она на кое работите :)

Што мислите вие на оваа тема? Какви се вашите искуства? Користете го хештагот #ВремеЕЗаСтартап за понатамошна дискусија и совети :)

Ве чекам. Ииии патем – убав викенд :)

Иницијативата #ВремеЕЗаСтартап е поддржана од SEEUTechPark и Smartportal.mk

РЕЧНИК НА ЗБОРЧИЊА

Pitch е термин кој вообичаено се асоцира со презентирање на бизнис идеја пред други луѓе (купувачи, корисници, жири, инвеститори). Може да има различна должина: 90 секунди (elevator pitch), 2, 5, 10 минути…Работите кои се вклучуваат во pitch – от, зависат од неговата минутажа. Во 90 секунди ја презентирате основната идеја, иновативноста и бенефитите. Кога има повеќе време, задолжително се вклучуваат и бизнис и маркетинг стратегијата, опис на вашиот тим (позиција, вештини, искуство) итн.

Агилен развој е итеративен процес во кој корисниците се постојано вклучени  во процесот на креирање и тестирање на продуктот на дневно, неделно ниво. Идејата е рано да се детектира што би попречило во користењето на продуктот / услугата и да се подобри искуството на крајниот корисник / купувач навремено.

Претходна статијаInFocus ја претстави “Pro” верзијата на својот Kangaroo мини десктоп компјутер
Следна статијаUSB-IF ќе го заштити вашиот нов уред од лошите USB Type-C кабли