Waterproof-Phone-Cases-Gear-Patrol-Lead-1600-

Телефони. Телефони насекаде.

Толку многу ги има што се блокирате при помислата да ги разгледате последните понуди и да одберете што ви треба. Покрај стандардните играчи како Apple и Samsung во последно време се појавија источни ѕверови како Xiaomi и Huawei кои гризаат сè пред себе и полека завземаат врвни позиции на пазарот за паметни телефони.

Во меѓувреме некои стари играчи беа истиснати од сцената. Blackberry не знаеме ни што прави во моментов, Nokia се занимава со некои планови за рестартирање после (скоро) фијаското со Microsoft, а HTC се мачи да се избори за своето старо место.

Пазарот на паметни телефони скоро целосно се измени последнава декада и тоа на подобро. Сега имаме врвни телефони за нормални цени и таман телефони за суперниски цени. Тоа е резултат на пазар со огромна конкуренција.

Сепак, толкавиот избор ве доведува во парализа од анализа. Затоа тука доаѓаме ние и ќе се обидеме да ви ја поедноставиме работата.

Постојат десетици категории кои можеме да ги разгледуваме за телефоните, од такви со добри камери, преку такви со добар дизајн, до ниска цена, големина на екранот, додатоци, телепортација, временски машини… Токму затоа одлучивме да ги поделиме на 3 категории според кои ќе можете да одлучите и кои се практично најбитни:

  • врвни телефони и знаменосци
  • евтини и квалитетни (средна класа)
  • специфични и интересни

Секако, ќе се обработуваат модерни телефони. Тоа значи дека ќе се посвети внимание на оние излезени не порано од 2015-та година или тукушто најавени.

Врвни телефони и знаменосци

Во последно време забележавме објава на многу знаменосци и врвни телефони за прилично високи цени. Ако сте по ваквите телефони за кои знаете дека нема да ви застарат во раката после 6 месеци, а воедно ќе „сјаат“ од квалитет.

Apple iPhone 7 (во најава)

Apple-iPhone-7-release-date

Би се согласиле дека не може да разгледуваме премиум телефони без да го спомнеме iPhone. Без разлика што ќе се јават орди од критичари против iPhone и Apple, фактот е дека оваа компанија започна и остана како производител на одлични паметни телефони кои имаат повисока цена од просекот на пазарот.

Со iPhone 7 и со iOS 10 треба да очекувате неколку подобрувања, покрај стандардните во вид на подобра камера, процесор, екран и слично. Едно од тие е „безрабниот“ (edgeless) дизајн. Изгледа дека ќе биде вградена и опција да ви биде забрането да снимате видеа од концерти доколку организаторите сакаат така. Исто така можно е да има мод за полесно користење со една рака, а разликата меѓу iPhone 7 и iPhone 7 ќе се зголеми значително.

Сè на сè, iPhone-от ќе добие освежување и во комбинација со екосистемот iOS 10 можеме да потврдиме дека сè уште претставува една од најдобрите понуди на пазарот.

Samsung Galaxy Note 7 (во најава)

Screenshot-2016-07-03-at-00.17.20-copy

Samsung е уште една компанија која е светски гигант кога се работи за паметни телефони. Впрочем, нивната позиција на 2-ро место во светот потврдува дека знаат што прават на овој пазар.

Затоа еден од нивните знаменосци, Galaxy Note, ќе добие освежување: Snapdragon 821 процесор помогнат од 6 GB рам меморија, 64 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка и дисплеј со големина од 5,7 инчи и Quad HD резолуција, камерите – задна ќе има 12, додека предната 5 мегапиксели. Ќе биде и IP68 отпорен на водат и прашина, веројатно ќе има скенер за зеницата на окото, читач за отпечатоци, USB Type C приклучок, а ќе биде целосно изработен од алуминиум и стакло.

Цената ќе му спаѓа во рангот на нов и моќен лаптоп компјутер, секако. Кога се работи за ваква класа на телефон нема друго – чини за барем 2/3 од парите кои ги давате.

Huawei P9 и P9 Plus

160406_ci_ug_Huawei_London_PressConference_LR_10_50_08_RAF_7149

Ремек дело на Huawei. Одличен дизајн, супериорна двојна камера од Leica, ,5,2 – 5,5 инчен екран со 1920 х 1080 резолуција (P9 Plus со Touch Press технологија), Kirin 955 процесор на 2,5 ГХц, 3000 – 3.400 милиамперчасовни батерии…

Едноставно, ѕвер од телефон. Цените се соодветно „ѕверски“: 3 ГБ РАМ + 32 ГБ за 599 долари и 4 ГБ РАМ + 64 ГБ за 649 долари (во време на најавата во април оваа година).

Huawei е едниот азиски џин од трите (Xiaomi, Asus и тие) кои полека, но сигурно го освојуваат пазарот на преносни уреди. Покрај евтини и квалитетни телефони кои ќе ги покриеме понатаму, нудат и вакви знаменосци кои влегуваат во самиот врв на денешната понуда на телефони. Секако, со способности како најдобрите телефони на Samsung и Apple, но со релативно пониска цена.

Xiaomi Mi 5

xiaomi_2016-Feb-24_1.0

Сигурно знаете дека Xiaomi имаат квалитетни и евтини телефони, но дали сте знаеле дека имаат и врвни телефони кои влегуваат во највисоката класа? Таков е и Mi 5 кој е вистински ѕвер од телефон. За него пишувавме во февруари со пофални зборови.

На кратко:

  • 5,15 инчен екран со 1080п резолуција
  • 3 ГБ РАМ и 32 ГБ простор (основен модел) и 4 ГБ РАМ и 128 (!) ГБ простор (Prime модел)
  • Snapdragon 820 на 1,8 (основен) и 2,15 ГХц (Prime) со дополнителни Qualcomm штедливи јадра за неоптоварувачки задачи
  • графички процесор Adreno 530
  • Sony камера од 16 мегапиксели со оптичка стабилизација (може да снима 4К видео)
  • читач за отпечатоци
  • 3.000 мАч батерија
  • USB Type-C
  • Android 6.0

Како шлаг на тортата, задната страна ќе биде изработена од стакло (основен) и керамика (Prime). Цената кај нас е од 24 до 27 илјади денари.

HTC 10

htc-10-design

Иако HTC е компанија која, како што напишавме погоре, веќе изгуби голем дел од пазарот, таа не застанува и се обидува да се крене на нозе. Најновиот обид е HTC 10, знаменосец на оваа компанија кој е ништо него врвен телефон.

Телефонот има 5,2 инчи екран со резолуција од 2.560 х 1.440 пиксели, Qualcomm Snapdragon 820 процесор на 2,2 ГХц, 4 ГБ РАМ, внатрешна меморија од 64 ГБ, слот за SD картички, 3.000 мАч батерија, Android 6.0, сензор за отпечатоци, 12-мегапикселна камера која можеби е најдобрата во класата… Можете да забележите дека се работи за навистина врвен телефон.

Цената исто така е „врвна“ – околу 700 долари што би се превело во рангот од околу 40 илјади денари кај нас. Прилично солено, но сепак во рангот на нормални цени за вакви телефони и вакви производители.


Ова е крајот на првиот дел на овој водич. Во следниот дел на СмартПортал.мк ќе ги обработуваме телефоните со релативно ниска цена во споредба со добиениот квалитет, а во третиот оние кои се наоѓаат меѓу овие две категории како и некои специфични и интересни вредни за спомнување.

Бирањето на телефон знае да биде измачувачки процес со денешната застрашувачка обемна понуда и се надеваме дека ќе ви помогнеме со нашата дестилација на одлични телефони од кои можете да го одберете совршениот за себе.

Дополнителни телефони кои вреди да се спомнат:

Претходна статијаKineti е модерна клуб маса со вграден Windows 10 компјутер на допир
Следна статијаКако ќе изгледаат новите Nexus телефони кои ќе бидат претставени оваа година?