Како што најави, Microsoft ја направи достапна најновата надградба за Windows 10 наречена Fall Creators Update, за сите корисници почнувајќи од вчерашниот ден, односно од 17 октомври.

Надградбата иако не го менува драстично оперативниот систем, Windows сега добива почести, но помали надградби, сепак вреди да се инсталира. Една од главните промени во оваа надградба е интересниот нов графички кориснички интерфејс наречен Fluent Design, а достапни се и неколку нови функции кои го прават системот повеќе корисен.

Како и обично, новата верзија не е достапна баш за сите корисници уште од првиот ден, односно надградбата се пушта етапно, што значи дека може да чекате и повеќе недели додека дојдете на ред.

Доколку сте од оние корисници кои сакаат да ја имаат најновата верзија од оперативниот систем најбрзо што може од кога ќе стане достапна, а вашиот компјутер сѐ уште не е на ред, односно кога ќе притиснете на Check for updates, ништо не се случува, има други начини на коишто можете веднаш да ја инсталирате истата.

Според нас, најдобриот начин за правење на надградба е преку Update Assistant. Ова е мала програма која што ја симнувате од официјалната страна на Microsoft, која веднаш го започнува процесот на надградба, без разлика дали вашиот компјутер е на ред.

Microsoft сепак не препорачува да го направите тоа, доколку не сте 100% сигурни што правите, односно шансите за некаков проблем се нешто поголеми од инсталација на надградбата кога конкретно ќе ви биде понудена преку Windows Update.

Процесот на надградба преку Update Assistant е многу едноставен. Симнете ја програмата од следниот линк, вклучете ја, притиснете на неколкуте делови коишто се појавуваат и остатокот автоматски се случува до крајот на инсталацијата.

За симнување на Update Assistant треба да притиснете на првото копче на страната, односно на Update Now. Доколку сакате да направите USB стикче со инсталациските фајлови, тогаш може да притиснете на Download Tool Now, меѓутоа ова би го оставиле на нешто понапредните корисници кои сакаат да направат чиста инсталација на оперативниот систем, а не само надградба.

Претходна статијаПрвиот чип на Google е наменет за подобри фотографии и е вграден ексклузивно во Pixel 2 смартфоните
Следна статијаНови рендери од Nokia 9 покажуваат смартфон со мала рамка и модерен дизајн
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.