Phishing

Phishing

Интернет – прекрасната мрежа која човечката цивилизација ја користи за да споделува информации. Во тоа море најголем дел од информациите се непотребни и бесмислени (како, на пр., spam пораките). Нив учиме да ги игнорираме и бргу да ги филтрираме, но некои се направени така да ја користат нашата зависност од информации за да не` затворат во маѓепсан круг од кој тешко е да се излезе (на такви принципи е изграден Facebook, на пример).

Сепак, ќе си рече човек, штом се безопасни тогаш никому ништо. За жал, многу од „информациите“ кои ги примате работат двонасочно – и активно прибираат информации за вас. Најчесто овие „кртови“ ве следат за да утврдат што ви се допаѓа и потоа да ви прикажуваат реклами со производи за кои е поверојатно дека ќе ги купите. Сепак, шпиунирањето од страна на државни и други агенции не треба да се занемари бидејќи изгледа дека се натпреварува со рекламите околу тоа колку информации ќе прибере околу вас.

Дали постои спас? Секако, но како и за се` друго во животот, ако сакате да ја зачувате својата приватност и безбедност на Интернет мора да се потрудите малку повеќе од стандардното „не отворам прикачоци од електронски пораки“.

Овој текст ќе биде повеќе за зачувување на безбедноста на Интернет од страна на разни технички закани. Следните ќе продолжат околу заштита на приватноста и слободата на говор и мисла.

1. Не отворајте прикачоци од електронски пораки (и други основни совети)

… освен ако не му верувате на испраќачот. Можеби не треба да ве потсетуваме за овој здраворазумен начин на однесување кон електронските пораки. Сепак, има млади луѓе кои на Интернет се` уште сметаат дека „се` што лета се јаде“.

Значи, ако некој ви пратил порака, а вие не го препознавате – не симнувајте ги датотеките прикачени за неа! Вируси, тројанци и други разни глупости едвај чекаат да се населат во вашиот компјутер. Истото важи и за датотеки кои ги наоѓате низ Интернетот, како разни програми кои ви изгледаат интересно.

2. Инсталирајте антивирус

456840-mac-antivirus

За среќа денес постојат неколку бесплатни антивирусни програми кои соодветно си ја вршат работата. Да, можеби не се врвни во работата, но сепак се – бесплатни! Avira antivirus, Avast, AVG… има навистина достојни за инсталација и користење.

Совет: немојте да инсталирате повеќе од еден. Покрај тоа што нема да постигнат подобри резултати во фаќање на разни закани може да навлезат во брканица пробувајќи да се ловат меѓусебе и да проверуваат што работат, закочувајќи го вашиот компјутер.

3. Наместете виртуелна машина

Parallels8_Win8
Windows додека работите на OSX преку виртуелна машина

Што да правите кога сакате да испробате некој програм за кој не знаете каков ефект би имал врз вашиот компјутер? Инсталирајте го во виртуелна машина. Виртуелна машина е програма која симулира друг компјутер, најчесто празен.

Едноставно ја пуштате програмата, а таа се подига како кога вашиот компјутер бил празен. Во неа можете да инсталирате уште една копија на Windows. Секако, можете да си инсталирате (или да симнете т.н. „слика“) од Linux или OSX (за последново ќе се помачите малку) и да си возите неколку оперативни системи на компјутерот.

VirtualBox на Oracle е бесплатен, брз и квалитетен програм за создавање на виртуелни машини. Постои и помошна документација која ќе ви објасни како да ја изведете инсталацијата, а можете и едноставно да изгледате видео на YouTube:

4. Инсталирајте firewall

Firewall

Често постојат разни програми кои бараат пристап од или до вашиот компјутер. Делумно зошто им треба во функционирањето (на пример, Firefox нема смисла да постои ако нема пристап до Интернет, нели), а делумно поради тоа што сакаат да прават нешто за кое вие не треба да бидете свесни (на пример, тројанци).

Firewall-от е тука за да го спречите пристапот од и до Интернет за непожелни актери. Постојат неколку добри, а и самиот Windows има вграден во себе (но не баш најдобар на светот). Веројатно најдобриот бесплатен е ZoneAlarm Free Firewall кој е едноставен и нуди добра заштита и без да чепкате ништо по него. Воедно нуди опции да потврдите дали да му дадете пристап на некој програм до системот, Интернет, мрежата и други места.

Други одлични firewall-и се Comodo Firewall и TinyWall.

1fd1cc778c442616fd2875781e70c659
Заштита на Интернет – нешто не правиш како што треба

Ова се основните совети за одржување на безбедноста на Интернет. Со ваквите чекори ќе можете да спиете релативно мирно, знаејќи дека веројатно никогаш нема да фатите вирус со кој ќе треба да се гњавите со решавање.

Во следните текстови продолжуваме со заштита на безбедноста, приватноста и идентитетот на Интернет за десктоп компјутерите и мобилните уреди како телефоните и таблетите. Ако имате дополнителни прашања, коментари или нејаснотии, ги чекаме вашите коментари подолу.

Дополнителни информации: Digital Trends: Best Free Antivirus and Anti-spyware Software, Intuit: Protect Your Computer

Претходна статијаWindows 10 ја надмина границата од 10% пазарен удел
Следна статијаWindows 10 стана „Препорачана“ надградба во Windows Update