Безбеден и персонален Cloud со Network Attached Storage (NAS)

Напишано на 21.12.2016 - 11:52 од Смартпортал

Во претходните статии се обидов да ви објаснам што е тоа Cloud Storage и се надевам дека ви помогнав да се одлучите во изборот на некоја од понудените опции. Но, доколку едноставно немате доверба во понудените сервиси бидејќи имате доверливи податоци од голема важност и ви е потребен поголем простор, a сакате локално да ги чувате вашите податоци и сепак да имате пристап од оддалечена локација, тогаш одлична опција е сопствен Cloud Storage Drive или пак Network Attached Storage (NAS).

Благодарение на брзата интернет конекција и фактот што скоро секој корисник на компјутер е приклучен на интернет, се појавија компании кои изнајмуваат или бесплатно нудат складирање на вашите податоци на нивните сервери. Сервисите како OneDrive на Microsoft, Google Drive, DropBox, BOX и останатите тоа го нудат бесплатно. Но, постојат ограничувања и доколку сакате поголем простор ќе морате месечно или пак годишно да се претплатите, а надоместокот не е мал. Датотеките кои сте ги прикачиле на сервисите можете да изберете и со кого да ги споделите, а можете и да одберете само вие да може да ги прегледувате. Поради ограничувањата на наведените сервиси, се појави потреба од перонален Storage (складиште) кое што ја има истата функција, само без месечната претплата и без ограничувањата во големината и користењето.

iStyle ни го дадоа на тестирање QNAP TS-112 кој е брз, лесен, безбеден и најдостапен начин за да ги прикачите, да пристапите и да ги споделите датотеките од вашата локација, било тоа да е вашиот дом, вашата компанија, или пак и двете. Покрај тоа, ќе го “олесните” и компјутерот од големиот број на мултимедијални датотеки и документи.

Без разлика дали ви е потребна копија, споделување или пак Online соработка на некој проект, QNAP има лесно решение за вашите потреби. Со QNAP NAS бесплатно доаѓа опцијата MyCloudNAS која лесно ви дава пристап до вашите податоци од било кој веб пребарувач, компјутер или пак мобилен уред.

MyCloudNAS десктоп апликацијата го претвора вашиот приватен облак во локален диск, каде што лесно можете да префрлате податоци, како музика, филмови, слики, документи. Како екстерен хард диск, само што до податоците можете да пристапите каде и да сте и во било кое време. Само ви е потребна интернет конекција, секако доколку сте оддалечени од компјутерот на кој што е приклучен уредот. Мобилните апликации се совршено направени за лесен и брз пристап до датотеките.

Можете да пренесувате (Stream) музика, филмови, слики на телевизор на кој што има DLNA, на било кој компјутер, медиа плеер, или пак мобилен уред (Android, iPad, iPhone), или пак да прикачите веб страна или пак приватен блог. Има опција за автоматско инсталирање на WordPress, Joomla! и Drupal. Можете да изберете и кои датотеки со кого да ги споделите. Можете да го подесите во реално или во одредено време од денот да прави BackUp (копирање) на податоците од компјутерот кои што ви се од голема важност и на тој начин тие ќе бидат безбедни.

Поради тоа што има Linux оперативен систем, има голем број на апликации кои ќе ви ја олеснат работата и има NAS Market (Како Google Play Store или App Store) од кај што можете да ги преземете и лесно да ги инсталирате апликациите. Има вградена апликација за креирање на мултимедијална галерија за лесно прегледување на сликите и видеата како и за слушање на музика.

QNAP NAS е одлично, прилагодливо и скалабилно решение доколку сакате брз, лесен и безбеден пристап до Вашите дигитални податоци.

За Авторот