Facebook од оваа недела ја воведе можноста за правење „тајни“ разговори за сите свои корисници на Messenger апликацијата на Android и iOS. Функцијата стана достапна за сите по неколку месечно тестирање на ограничена група корисници.

Во основа, тајните разговори, како и во било која од другите апликации, овозможува енкрипција на разговорите со клучеви кои ги имаат само двете страни кои разговараат. Тоа овозможува да никој, па дури ни Facebook, не може да ја види содржината на разговорите, нешто што стана популарно по објавите на Сноуден и слични.

Можноста за правење на тајни разговори е достапна само од еден уред, односно доколку го користите Messenger од повеќе уреди, ќе мора да изберете само еден од нив. Исто така, тајните разговори не се достапни и нема да може да се видат од другите уреди, како и преку веб.

Како да ги вклучите тајните разговори за вашиот уред ?

Тајните разговори во Messenger не се автоматски вклучени, па истото треба да го направите преку прилагодувањата на апликацијата.

Прво што треба да направите е да отидете во последниот таб од апликацијата, односно делот за вашиот кориснички профил. Покрај прилагодувањата за известувања и слични, сега е додадено и мени за тајни разговори, односно Secret Conversations.

fb-messenger-secret-screens-1

Кога ќе притиснете на оваа опција, се отвора нова дел во којшто можете да ги активирате тајните разговори. Апликацијата ќе ве извести дека тој уред го избирате да биде регистриран за тајни разговори и дека само од тој уред ќе можете да праќате и добивате тајни пораки.

По вклучувањето во овој дел од апликацијата, можете да започнете со правење тајни разговори.

Како се започнува таен разговор ?

Таен разговор можете да започнете на два начина. Со веќе постоечки обичен разговор или целосно нов.

За да започнете таен разговор со некој од пријателите со кои веќе имате разговор во листата, се што треба е да го отворите тој разговор и да отидете во делот за повеќе информации, односно во делот каде што можете да ја менувате бојата на разговор, да ги прилагодите известувањата и слично.

Во овој дел сега е додадена нова опција, Secret Conversation, по чие притискање се отвора нов разговор кој сега ќе биде таен. Овој разговор е издвоен од обичниот разговор, а истото ќе можете да го забележите, покрај со посебната икона до сликата од корисникот и со тоа што апликацијата ќе биде со темна боја.

fb-messenger-secret-screens-2

Нов таен разговор со пријател со кого немате обичен разговор се започнува или преку пронаоѓање на пријателот од листата на пријатели во апликацијата, па следење на упатството погоре или преку притискање на опцијата нов разговор.

Во овој дел ќе ви биде прикажана листа на пријателите со кои начесто имате комуникација, па пред да изберете некој од нив, треба да го вклучите „прекинувачот“ кој сега се појавува на горниот десен дел од апликацијата.

Со вклучувањето на тајни разговор преку прекинувачот, корисникот кој ќе го изберете од листата, ќе биде ставен во таен разговор.

Дополнително, секој таен разговор има можност да изберете автоматско бришење на порака по одредено време. Истото се избира преку иконата во форма на часовник, а времето кое може да биде избрано е од 5 секунди до 1 ден.

По истекот на избраното време, пораките напишани по вклучувањето на оваа опција, автоматски се бришат од двата уреди, односно и од вашиот, но и од тој на вашиот пријател.

Ќе знаете дека ја имате вклучено оваа опција по тоа што часовникот ќе има црвена боја.

fb-messenger-secret-screens-3

Претходна статијаDaydream View VR е новиот, напреден уред на Google за виртуелна реалност
Следна статијаКако до супер функционална чет апликација за 2 часа
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.