Како корисник на некој од мобилните уреди на Apple, сигурно знаете дека од оваа недела стана достапна бета верзијата од iOS 11. Ова е наредната верзија од овој познат оперативен систем кој работи само на уредите од Apple, а официјалната, односно финалната верзија ќе биде достапна за сите корисници од оваа есен.

Како што нагласивме и во статијата каде ја најавуваме достапноста на бета верзијата, ќе нагласиме повторно. Не е препорачано да ја инсталирате бета верзијата на вашиот главен уред поради можните проблеми кои може да се јават поради самата природа на ваквите тест верзии.

Сепак, доколку сакате да видите што ново спрема Apple порано од повеќето корисници и се решите да ја инсталирате оваа верзија, направете бекап на сите ваши важни податоци, па што и да се случи, се што ќе треба е да го реинсталирате оперативниот систем без последици.

Уредите на коишто може да биде инсталиран iOS 11 Beta ги вклучува следните: iPhone 5s и поновите, iPad 5та генерација и поновите, iPad mini 2 и поновите, како и iPod Touch 6та генерација.

Инсталирањето на бета верзијата од iOS 11 е прилично едноставен процес, а истото можете да го направите и со помош на следните чекори:

  1. Регистрирајте се како бета корисник (доколку веќе не сте) на Apple страната за бета програмата со вашиот Apple ID
  2. Симнете го конфигурацискиот профил (најдобро да се регистрирате преку вашиот уред, па нема да мора да го префрлате фајлот од вашиот компјутер)
  3. Инсталирајте го фајлот
  4. Рестартирајте го вашиот уред
  5. Проверете за нови надградби преку Settings како што тоа обично го правите кога има нова верзија од оперативниот систем

Новиот софтвер ќе се инсталира исто како да е стандардна надградба, па по завршување на процесот, ќе ја имате бета верзијата од новиот iOS 11.

Би сакале уште еднаш да ве предупредиме дека оваа активност не е препорачлива да ја направите на вашиот главен уред, поради можните проблеми во самиот процес, како и по инсталирањето. Направете бекап на сите ваши податоци пред почнување на процедурата и имајте во предвид дека можни се посериозни проблеми. Доколку сето ова ви е јасно, а и знаете што правите, тогаш продолжете со процесот.

Претходна статијаТимот „Animove“ од Македонија на глобалниот натпревар #youforG20 во Германија
Следна статијаVivo прв со смартфон со скенер за отпечатоци вграден под дисплејот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.