iPhone е одличен персонален уред кој Ви помага во секојдневните задачи и има скоро неограничени можности. Едноставно, може да се каже дека е Вашиот животен сопатник. Секојдневно го користите за да се слушнете или да се пишете со Вашите сакани, роднини, пријатели или бизнис партнери, да закажувате состаноци и да креирате потсетници, да ги следите Вашите физички активности, како трчање, пешачење или возење велосипед, да читате e-mail, да сурфате, да ја дознаете најбрзата рута за возење до саканата локација, да пишувате статуси и твитови, да сликате и да објавувате фотографии, да играте игри кога Ви е досадно …

Но, најголема маана кај денешните паметни телефони е краткотрајната батерија. Поради тенкиот дизајн на iPhone, Apple мора да стави помала и потенка батерија и со тоа траењето на батеријата со користење на сите горенаведени процеси и апликации е кратко и најчесто ќе снемате батерија кога Ви е најпотребен Вашиот iPhone (проклет да си Марфи!) Во продолжение ќе Ви претставам неколку совети како да ја намалите потрошувачката на батеријата.

  • Вклучете го Low Power Mode

Ако имате iOS 9 или понов оперативен систем инсталирано на Вашиот iPhone (верувам повеќето имате), тогаш можете да ја користите опцијата Low Power Mode. Со Low Power Mode привремено ќе ја исклучите автоматската проверка на mail-ови, фунцкиите на Siri, позадинското освежување на апликациите и некои визуелни ефекти на Оперативниот Систем, барем додека не го ставите на полнач Вашиот уред. Опцијата може да ја активирате во Settings > Battery > Low Power Mode.

  • Намалете го звукот

Секогаш кога слушате музика на слушалки на iPhone-от, Ви препорачувам да го намалите звукот и на тој начин ќе заштедите батерија и ќе бидете свесни за Вашето опкружување. А можете и да ја активирате опцијата за ограничување на гласноста во Settings > Music.

  • Исклучете го iCloud

Автоматското бекапирање и синхронизирање на податоците на iCloud знае да троши интернет, а и батерија. Мој совет е да го оставите автоматското синхронизирање само на контактите. Тоа можете да го направите во Settings > iCloud. Од таму можете да го ја исклучите опцијата за автоматски бекап.

  • Исклучете ја опцијата Hey Siri

Мене лично ми е многу корисна опцијата Hey Siri. Најмногу кога возам точак и во зима кога носам ракавици на кои немам опција да го контролирам уредот со нив. Можам гласовно да ја повикам Siri со Hey Siri и да и кажам да ја пушти цела моја плејлиста или пак да повикам некој контакт од мојот именик. Сепак, приметив дека опцијата многу ја троши батеријата. Јас лично не ја исклучив, но доколку не ја користите Ви препорачувам да ја исклучите опцијата. Тоа можете да го направите во Settings > Siri > Allow “Hey Siri”.

  • Исклучете ги позадинските проверки и нотификации на апликациите

Повеќето апликации на Вашиот iPhone, особено оние кои ги користите за социјални мрежи, користат автоматски позадински проверки. Така Ви стигаат нотификации кога некој ќе Ви лајкне фотографија, ќе Ви прати снеп, ќе објави фотографија на инста или пак ќе објави некој твит или статус. Овие позадински процеси се најголемата причина за брзото трошење на батеријата. Доколку не сте зависник од социјални мрежи би Ви препорачал да ги исклучите позадинските проверки. Тоа може да го направите во Settings > General > Background App Refresh.

  •  Користете Fetch нотификации наместо Push

Оваа опција ја препорачувам на оние на кои не им се битни мејловите. Push нотификациите користат значителна енергија и Ви препорачувам да ја користите Fetch опцијата. Тоа може да го направите во Settings > Mail, Contacts, Calendars > Fetch New Data.

  •  Намалете ја светлината на екранот

Уште една опција со која ќе ја намалите потрошувачката на батеријата е да ја намалите светлината на Вашиот екран и да ја исклучите опцијата за автоматско подесување на светлината во Settings > Wallpaper & Brightness и да ја исклучите опцијата Auto-Brightness и потоа подесете ја светлината колку што можете помалку од Control Centre.

Ова се неколку совети како да ја намалите потрошувачката на батерија. Се надевам дека ќе Ви остане батерија за да ја дочитате статијава…

Претходна статијаКвизот „Арена“ со Димитар Атанасовски добива нова димензија на забава и возбуда
Следна статијаАплицирајте за новата акцелераторска програма на ЦЕЕД Хаб Скопје