Во здраво тело, здрав дух или на англиски – In hello body, hello ghost. Шега на страна, како што се ближи летото, така сите сакаме да направиме подобро тело за на плажа, а и да изгледаме здраво и да се чувствуваме така. Формулата за губење на килограми звучи едноставно – јадете здраво, вежбајте редовно, конзумирајте вода преку целиот ден. Но, во пракса не е така едноставно. Живееме во свет полн со стрес и некогаш малите задоволства, како храната, знаат да не расположат и да направат во моментот да се чувствуваме убаво – иако на долг рок делува штетно на организмот.

Нашите паметни телефони може да ни бидат од полза во многу различни сфери од нашиот живот, вклучително и за водење здрав начин на живот. Постојат голем број на апликации со кои можеме да го подобриме начинот на исхрана и кои можат да не натераат почесто да вежбаме и редовно да конзумираме течности и на тој начин да ја регулираме нашата телесна тежина.

Броење калории

Водењето сметка за тоа колку калории внесуваме во нашиот организам е еден од механизмите со кои ќе можеме да ги намалиме килограмите.

Lose It! е апликација која не ги брои само калориите кои ги внесуваме. Ќе Ви помогне да ги планирате Вашите оброци и го прави забавен начинот на внесување на тоа што јадете и пиете. Освен што калкулира калории, може да пресмета колку протеини, јаглехидрати, шеќери, холестерол, маснотии внесувате во Вашиот организам. Се врзува со Apple Health апликацијата и ќе пресмета колку од тие калории сте потрошиле.

За оние кои немаат време за вежбање

Многумина немаат време да ја посетат теретаната или пак немаат време за да спремаат здрав оброк и јадат junk food која е направена набрзинка.

7-Minute Workout Challenge е eдна од најпопуларните апликации за вежбање бидејќи ќе Ви помогне да се раздвижите за само 7 минути дневно. Во текот на овие седум минути апликацијата Ве води низ 12 вежби кои се избор на експерти. Вежбите не се многу тешки и започнуваат од полесни кон потешки. Ја препорачувам оваа апликација на сите што се зафатени со работни и семејни обврски и немаат многу време за да ја посетат теретаната.

Напредно ниво

Оние кои се посветени целосно на губењето килограми знаат дека трчањето и одењето во теретана се најдобар и најбрз начин за губење на килограми, а со тоа и формирање на фит тело. Но, доколку не сакате да плаќате месечни претплати имате бесплатни апликации кои ќе бидат Ваш личен тренер.

Gipis е бесплатна апликација со калкулатор за планирање на вежби со лесен-за-користење интерфејс. Правите распоред за неколку недели откако ќе ја подесите апликацијата, за тоа колку ќе треба да трчате секоја недела. Има и GPS, па лесно може да ги следите Вашите дневни вежби. Оваа апликација ја препорачувам на оние кои сакаат да трчаат, но не сакаат да се посветат на една апликација, а исто така не сакаат да платат за апликацијата.

Мотивирајте се

Доколку го мотивирате Вашиот ум, Вашето тело ќе го следи.

Snapsie е апликација со која ќе можете да го следите секојдневно Вашиот напредок во губењето килограми, а воедно и да се пофалите на социјалните мрежи. Со оваа апликација, можете да се сликате секој ден откако сте вежбале и апликацијата ќе ги смести овие фотографии во посебен албум. Можете лесно може да ги разгледате Вашите фотографии, за да направите споредба од пред и потоа. По некое време ќе се навратите на старите слики и ќе бидете задоволни со резултатите.

 

Претходна статијаСмартфонот на Samsung со дисплеј на преклоп ќе биде претставен годинава?
Следна статијаSurface Book 2 ќе биде лансиран наредниот месец, ќе биде обичен лаптоп?