Водечката компанија во IT индустријата Microsoft, во последните години својата работа ја насочува кон таканаречените продуктивни апликации. Како резултат на нивната работа беше претставен пакетот Office 365, кој всушност е напредна верзија на пакетот по кој Microsoft стана препознатлив и незаменлив, кога се однесува на канцелариските и административните работи.

Целта на целокупниот развој на проектот Office, полека излегува на површина. Брзиот начин на комуникација и споделување на идеи и нивна реализација остварена од страна на луѓе на различни места, од различни генерации и култури конечно ја добива својата форма. Крупен исчекор за олеснување на тимската работа означи платформата Microsoft Teams.

Се работи за он-лајн комуникациска апликација кој ги вклучува сите потребни аспекти за водење бизнис. Очекувано, главниот акцент е ставен на тимската соработка, па така, апликацијата поддржува неколку видови на поединечен и групен чет, аудио и видео разговори преку Skype, систем за планирање, виртуелна меморија преку OneDrive, секако, комплетна интеграција на Office 365 пакетот, како и низа алатки од забавен карактер, како емоџи, Giphy images и мемиња.

Покрај тоа што сервисот ќе биде достапен глобално, истиот е надополнет со низа новини кои се однесуваат на практичната примена, тимската работа и пред се комуникацијата помеѓу учесниците. Кога се мисли на безбедноста на податоите, Microsoft очекувано одржува високо ниво, за што доказ се низата светски признаени сертификати и стандарди.

До сега, од својата официјална промоција, па дури и од бета-верзијата, лансирана во ноември минатата година, најновиот продукт на Microsoft бележи неверојатни, позитивни резултати. Генерално, од новиот сервис бенефит ќе имаат компаниите кои се базирани на ваквиот начин на работење, додека причина за паника има главниот конкурент Slack. Секако, здравата конкуренција може да донесе само позитивни унапредувања кај двете компании за кои борбата допрва започнува, а бенефитот ќе го почувствуваат корисниците.

Претходна статијаПротече и корисничкиот интерфејс на Galaxy S8 – ќе биде супер минималистички
Следна статијаНовите Самсунг телевизори претставени во парискиот Лувр