Microsoft и Amazon се веројатно најголемите конкуренти на полето на клауд компјутерите, а воедно и едни од најголемите кога се во прашање дигиталните асистенти. Затоа, големо изненадување е што тие се одлучија да ги спојат силите – отсега Cortana и Alexa ќе работат заедно, со цел да бидат поконкурентни на главните конкуренти Google Assistant, Apple Siri и Samsung Bixby.

Интеграцијата на двата дигитални асистенти значи повеќе можности за корисникот, бидејќи и едниот и другиот имаат различни карактеристики. Сепак, во почеток интеграцијата нема да биде толку добро решена – за да ја прашате нешто Cortana на уред произведен од Amazon ќе треба да речете “Alexa, open Cortana” и обратно ако сакате да ја отворите Alexa, а имате уред со првично вградена Cortana.

Како и да е, ова е само почетокот, кој во иднина верувам ќе значи и помазно префрлање од едниот асистент кон другиот. Независно од тоа, со овој потег, Amazon ќе им овозможи на своите корисници подобар пристап до нивните Office датотеки и календари, што е една од посилните страни на Cortana, додека Cortana пак ќе добие повеќе публика, бидејќи Alexa е попопуларен дигитален асистент за домовите, во уреди како паметни звучници.

Соработката меѓу двете компании сепак не е големо изненадување, ако се знае дека и двата дигитални асистенти го користат Bing како пребарувач. Исто така, таа е скоро сигурно почната од највисоко ниво, односно во разговор на извршните директори Сатја Надела и Џеф Безос и тоа на самит на Microsoft.

Извор: Engadget, The Verge, Wired

Претходна статијаiPhone 7S и 7S Plus ќе бидат делумно поголеми од нивните претходници
Следна статијаSamsung ги претстави Gear Sport и Gear Fit2 Pro паметните часовници