Windows 10 стана официјално достапен во неговата финална верзија пред скоро 2 години, поточно на 29 јули 2015 година. Верзијата на оперативниот систем, која се означува според тоа кога е пуштена, беше 1507.

Од вчера, оваа прва верзија од Windows 10 веќе нема да добива поддршка од Microsoft, односно корисниците нема да може да инсталираат сигурносни надградби и закрпи. Поради тоа на корисниците им се препорачува да ја инсталираат најновата верзија од оперативниот систем, а истото покрај преку стандардниот систем за надградби, можат да го направат и преку оваа веб страна од компанијата.

Да не дојде до забуна, поддршката завршува за оваа прва верзија од оперативниот систем, не генерално за Windows 10 кој ќе биде поддржуван најмалку до 2020 година, односно 2025 за сигурносни надградби.

Windows 10, за разлика од неговите претходници, почесто добива нови надградби кои вклучуваат и нови функции, покрај стандардните закрпи и сигурносни подобрувања. Како што најавија од Microsoft, Windows 10 добива по 2 поголеми надградби во годината кога корисниците може да очекуваат нешто ново и интересно.

Од пуштањето во 2015, Windows 10 ги имаше November Update, Anniversary Update и најновата која се’ уште корисниците ја инсталираат, Creators Update од оваа година. До крајот на годината се очекува пуштање на уште една надградба која треба да донесе дополнителни нови функции.

После пуштањето на надградбите, корисниците имаат одреден период во којшто можат да ја одложат истата, меѓутоа од компанијата преферираат да повеќето корисници се на најновата верзија. На тој начин не би дошле во ситуација слична на таа на Android, каде се достапни огромен број на уреди кои работат на повеќе верзии.

Извор: Microsoft, VB, ComputerWorld

Претходна статијаChristian Roth и Eric Domege ја споделија инспирацијата за нивните безвременски креации
Следна статијаApple на кратко стана првата компанија со вредност од 800 милијарди долари
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.