После најавата дека целосната верзија на Windows 10 ќе работи на ARM чипови, сега истата можност ќе ја има и Windows Server оперативниот систем, а во соработка со гигантите Qualcomm и Cavium.

ARM чиповите наоѓаат се поголема примена кај серверите, пред се поради нивната исклучителна економичност и помала потрошувачка на енергија, заедно со респектабилни перформанси, особено како мулти процесорски единици. Затоа, многу од компаниите се почесто се одлучуваат на овие чипови, кои можат драматично да ги намалат „сметките“ за потрошена енергија.

Microsoft ќе ги користи ARM чиповите во клауд сервери, засега само за свои потреби, поточно во Azure со Qualcomm Centriq 2400 серверското решение. Од Microsoft велат дека тие работеле веќе неколку години со Qualcomm со цел да ја доведат оваа технологија и да ја оптимизираат за Windows Server.

Засега не е најавено кога ќе биде понудена верзија од Windows Server што ќе работи на овие чипови за останатите корисници. Сепак, со оглед на тоа дека ARM чиповите ќе заземаат се поголемо место во сите сфери на компјутерската технологија, меѓу кои и големите серверски компјутери, ова е реално да очекуваме да се случи наскоро.

Ова е уште една голема вест за Windows како платформа, со која Microsoft дополнително го цементира местото на врвот како еден од најголемите иноватори меѓу конкурентите.

Извор: ZDNet, Bloomberg, Wall Street Journal

Претходна статијаКуќа изградена за 24 часа со 3D принтер
Следна статијаКако Will Turner се вклопува во Pirates of the Caribbean 5