Fall Creators Update се вика наредната поголема надградба на Windows 10 и истата ќе стане официјално достапна за сите корисници од оваа есен, како што кажува и самото име.

Оваа надградба ќе донесе одреден број на нови функции во системот, покрај стандардните подобрувања на перформансите и пеглање на стари багови. Меѓу другото, во оваа верзија ќе станат достапни листа со активности на компјутерот, како и од други Windows 10 уреди за лесно продолжување на активностите, clipboard во облакот, новиот Fluent дизајн и повеќе.

Не сите новини кои ќе бидат достапни беа претставени досега, а се разбира нив постепено ќе ги дознаваме преку Preview верзиите кои ги пушта Microsoft како дел од веќе одлично популарната Windows Insider програма.

Најновата Preview верзија достапна за корисниците на брзиот круг на надградби е достапна, го носи бројот 16215 и донесува интересна листа на новости кои покажуваат како Windows 10 се подобро се развива.

Едни од главните новости во оваа верзија доаѓаат за Старт менито и Action центарот, односно центарот за известувања.

Старт менито го добива новиот Fluent дизајн, а исто така и неколку подобрувања како можност за менување на големината на менито хоризонтално по желба на корисникот, а не како досега во предодредени големини, промена на големината дијагонално и слично.

Центарот за известувања исто така добива одредени елементи од новиот Fluent дизајн, а главните промени се гледаат во организацијата на известувањата. Тие сега се подобро издвоени според апликациите, па корисниците ќе може многу подобро да се снајдат доколку имаат голем број на известувања.

Microsoft Edge исто така добива подобрување во оваа верзија. Можноста за „пинување“ на веб страни на таскбарот е нешто што повторно е можно, а прелистувачот исто така добива можност за режим на целиот екран, односно full screen (F11).

Листата на новини е сепак поголема, иако погоре издвоените се главните и најинтересни, а целосната листа можете да ја погледнете на следниот линк.

Претходна статијаSamsung лансира нов 49 инчен гејмерски монитор, со широк 32:9 сооднос на страните
Следна статијаСкопје Стрит Фестивал по петти пат остави урбан печат во Скопје
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.