Microsoft беше прилично оптимист со најавата дека Windows 10 ќе го користат милијарда корисници до средината на 2018 година, односно три години од неговото лансирање. Сепак, сега работите не изгледаат така, односно растот на корисниците не е каков што се очекуваше. Виновник? Windows 10 Mobile.

Десктоп верзијата всушност е исклучително успешна – досега се активирани преку 350 милиони Windows 10 уреди, од кои поголемиот дел се таблет, лаптоп и десктоп компјутери. Windows 10 надградбата за Xbox може дополнително да ја зголеми оваа бројка, но веројатно недоволно за да се постигне фамозната милијарда до средината на 2018 година.

Проблемот секако лежи во Windows 10 Mobile, за кој Microsoft очекуваше дека барем ќе го продолжи темпото на Windows Phone 8.1, односно учество од 4% на пазарот. Сепак, Windows 10 Mobile падна под 1% учество на пазарот, што драматично ја намали базата на корисници на 10-ката.

„Заслуга“ за ова има и укинувањето на надградбата на Windows 10 Mobile за уредите со 512 MB рам меморија, кои го сочинуваа поголемиот дел од колачот на Windows Phone уреди, а тука пред се мислам на легендарната Nokia Lumia 520, која остана на Windows Phone 8.1 (може да се надгради на Insider верзија на Windows 10 Mobile, но искуството не е сјајно).

Од наредниот месец се очекува и забавување на порастот на Windows 10 компјутери и кај компјутерите, бидејќи завршува промоцијата за бесплатна надградба од Windows 7 и Windows 8.1. Можеби ќе беше подобро Microsoft да ја продолжи бесплатната промоција за уште една година или на неодреден рок, но тоа е веројатно бизнис модел кој не функционира за компанијата.

Ваквиот развој на настаните може ќе ги натера Microsoft и на поголема офанзива во Windows Mobile секторот, која верувам дека ќе почне со лансирањето на предолго очекуваниот Surface Phone, очекуван за почетокот на 2017 година.

Извор: Venture Beat, The Verge, ZDNet

Претходна статијаНови слики од Galaxy Note 7 објаснуваат како ќе работи скенерот на ирисот на окото
Следна статијаMercedes-Benz спрема електричен автомобил конкурент на Tesla Model S