Следењето на случувањата поврзани со Windows 10 се интересни, покрај другите причини, поради маката којашто ја има Microsoft да ја врати популарноста на својот оперативен систем, нарушена со претходната непопуларна верзија.

Кога на тоа ќе се додаде дека во делот на мобилните телефони, којшто е се поголем, не им иде баш најдобро, 10-ката навистина е верзијата којашто ќе покаже како ќе стојат работите со Windows.

Сепак, Windows 10 покажува добри знаци до сега, па за разлика од претходната верзија, корисниците одлично го прифаќаат, а бројката на корисници редовно се зголемува.

Според последните информации од Net Applications, Windows 10 во јануари ја поминува границата од 10% пазарен удел и сега е инсталиран на 11,9% од компјутерите. Растот на уделот од декември е скоро за 2% и е помал единствено од првиот месец од претставувањето на новиот оперативен систем.

Уделот на Windows 10 во споредба со другите Windows верзии изнесува 13,1%, што се’ уште не е доволно за надминување на Windows 8/8.1 кои имаат 14.5% заедно.

Растот на Windows 10 во првите 6 месеци е поголем од тој на Windows 7 којшто се’ уште е најпопуларниот Windows. Сепак, дали оваа споредба може да се направи вака едноставно, треба да се размисли.

Интересно, Windows 8.1, Vista и XP имаат мало зголемување, додека Windows 7 има досега најголем пад од над 3%.

Windows како оперативен систем, со сите свои верзии има пад на пазарниот удел од 0,7%, што е пресликано во раст на другите оперативни како OS X и Linux.

Microsoft ќе продолжи да го „наметнува“ Windows 10 на корисниците коишто им следува бесплатната надградба која е достапна до ова лето. Оваа надградба оваа недела е и поместена од опционална во препорачана, што значи дека зависно од прилагодувањата, истата може да биде инсталирана и автоматски без корисникот конкретно да проверил.

Извор: VB, PCWorld

Претходна статијаНаучници од Харвард претставија концепт на 4D принтер
Следна статијаПриватност и заштита на Интернет – Практични совети – Дел 1
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.