Кога го лансираше Windows 10, Microsoft имаше храбри најави дека во првите две до три години нивниот нов оперативен систем/сервис ќе биде инсталиран на 1 милијарда уреди. Денес тие стигнаа до половина од таа бројка и како што одат работите, ќе треба да помине малку подолго време за да стигнат до претходно поставената цел.

Една од причиите за ова е веројатно неуспехот на Windows 10 Mobile, но веројатно и посилната конкуренција од Chrome OS за поевтините лаптоп компјутери. Сепак, растот на инсталации и воопшто уреди со Windows 10 беше многу поголем во однос на Windows 7 и Windows 8/8.1, за што најголема заслуга има тоа што во првата година надградбата беше целосно бесплатна, тоа што има многу различни уреди со Windows 10 (покрај телефоните, тука е и Xbox One) и тоа што воопшто, расте бројот на корисници на компјутери.

Поточно, во бројки, Windows 10 стигна до 75 милиони компјутери уште во првите четири недели, 110 милиони во првите 10 недели, 200 милиони за шест месеци, 300 милиони за 10 месеци, 350 милиони за 11 месеци и 400 милиони за 14 месеци. Бројката од 500 милиони е стигната после 21 месец од лансирањето на оперативниот систем, што значи дека растот е намален во однос на првата година.

Windows 10 инаку редовно добива надградби и секој кој има инсталирано на својот компјутер, би требало да ги добива прилично долго, секако се додека неговите хардверски компоненти ги поддржуваат.

Извор: Venture Beat, CNET, The Verge

Претходна статијаFacebook ќе го намали прикажувањето на линкови кои водат до веб страни со ниско-квалитетно корисничко искуство
Следна статијаApple ја купи финската компанија Beddit