Дојде денот кога долго најавуваниот Creators Update е достапен за сите корисници. Сепак, надградбата нема да биде веднаш автоматски достапна за сите корисници преку самиот оперативен систем, туку само за оние на поновите компјутери. За среќа, решение има, а тоа е да кликнете на следниов линк и потоа на копчето “Update Now”.

Ние веќе детално покривме што сѐ ново донесува оваа надградба и доколку сакате пофункционален компјутер, препорачувам веднаш да ја направите. Creators Update донесува и нова Paint 3D апликација, со која може да цртате во 3D околина и која изгледа навистина кул, па ете уште една причина за оние кои своите компјутери, лаптопи или лаптоп/таблети ги користат за забава или пак креирање.

Она на кое треба да внимавате се новите подесувања за приватноста. Оваа надградба скоро сигурно ќе ги измести досегашните подесувања, па добро е да го посетите делот за приватноста во Settings и повторно да ги ставите забраните кои сте ги имале досега. Добра вест е што параметрите се сега многу појасни и подобро поделени, со цел да им бидат јасни на сите корисници.

Оние кои нема да се одлучат да ја направат надградбата преку линкот погоре, можно е да треба да чекаат прилично долго време. Според Microsoft, автоматската надградба ќе трае неколку месеци и во почеток ќе биде достапна само за најновите компјутери. На пример, јас сѐ уште ја немам на компјутер со Haswell процесор, но ја имам на компјутер со Skylake процесор.

Извор: Engadget, The Next Web, Lifehacker

Претходна статијаTesla претстави нови резиденцијални соларни панели
Следна статијаСамоуправувачки, електрични возила се поблиску до реалноста