Момците од Windows Central, како и секогаш досега, подготвија детално видео за нова надградба на Windows, овој пат Creators Update за 10-ката. Надградбата ќе донесе многу подобрувања за десктоп, лаптоп и таблет корисниците, но не толку многу за Windows 10 Mobile корисниците.

Видеото (кое препорачуваме да се погледне) почнува со новиот процес за подесување на вашиот Windows 10, овој пат помогнат од Cortana, каде освен на неколку чекори, сѐ можете да направите само со разговор со неа. На видеото ова делува прилично импресивно и футуристички, а е најава за многу поголема интеракција со Cortana во Windows 10 во иднина.

Потоа, промени има и во Start менито, каде може да се направат фолдери од живите плочки, исто како што може во Windows 10 Mobile. Исто така, за оние со помал простор, односно помал дисплеј, може да се исклучат сите апликации од левата страна во Settings.

Одличен напредок покажува и Edge прелистувачот, каде сега може многу лесно да се зачува цела серија на отворени табови за подоцна, доколку сакате во моментот да правите нешто друго во вашиот прелистувач. Нормално, направени се и подобрувања во стабилноста и безбедноста на Edge.

Исто така, Cortana сега може да ви каже до каде сте застанале во Edge на друг компјутер со Windows 10, за да ја продолжите сесијата. Ова важи и за голем број на апликации, како на пример оние на Microsoft. Да, ако почнете Word документ, Cortana ќе ве потсети дека може да го продолжите на друг компјутер.

Промени има и во Settings, каде има подобра категоризација која ќе биде појасна за многу корисници. Тука е достапна и опцијата Night Light, која ја ограничува сината светлина и дозволува полесно да заспиете после долга сесија на вашиот компјутер, лаптоп или таблет, а Windows сега може сам да ослободува простор на дискот бришејќи непотребни датотеки. Не помалку важно за подобра персонализација, Creators Update донесува и поддршка за теми преку Windows Store.

Големи подобрувања се направени и во гејмингот. Сега, секој корисник ќе може лесно да ги снима своите гејминг сесии, а при играње може да се избере “Game Mode” кој треба да ги подобри перформансите на играта.

Нова апликација во Creators Update е Paint 3D, која овозможува лесно креирање на 3D елементи кои потоа може да се споделат на интернет. На крај, не помалку важно, целосен редизајн добива и Windows Defender, кој сега е многу полесен за користење.

Извор: Windows Central

Претходна статијаIKEA се насочува кон автоматизација на домовите
Следна статијаРСБСП – Совети и правила за мотоциклисти