Иако е опција која сѐ уште не ја поддржуваат голем дел на производители (засега ја имаат само Windows 10 Mobile, односно Samsung и Huawei кај Android), можноста вашиот смартфон да го користите како десктоп компјутер е навистина примамлива, бидејќи би значела дека веќе нема да мора да го носите својот лаптоп со себе.

Сепак, користењето на Android апликации со маус и тастатура на голем дисплеј и не е најдобро искуство, па затоа Samsung спрема можност за користење на цела Linux дистрибуција кога ќе го вклучите смартфонот на поголем дисплеј. Да, наместо Android, со приклучувањето на вашиот Galaxy Note 8 на пример, може да користите целосна десктоп верзија на Linux, која е особено добра за дивелоперите.

Најдоброто од се кај решението на Samsung е што на корисниците ќе им биде понудена можност сами да ја изберат дистрибуцијата на Linux, на пример меѓу Ubuntu, Debian, Fedora, Mandriva итн. Всушност, Samsung ќе развие Android апликација, во која ќе може да се инсталира целосна Linux дистрибуција, што е одлично решение, нормално доколку функционира како што треба.

Ваквата можност не е новост за оние кои се длабоко запознаени со Android – Linux дистрибуциите одамна можат да се инсталираат на таков смартфон, но за тоа треба да го рутирате телефонот и да инсталирате мноштво апликации. Samsung би требал само да го олесни процесот на инсталација на оперативниот систем на смартфонот.

„Негативната“ страна на ова решение е што корисниците најверојатно ќе мора да ја користат DeX лулката за смартфоните на Samsung, која чини преку 100 долари. Би било навистина одлично доколку десктоп можноста на Galaxy смартфоните ја направат подостапна – новиот Huawei Mate 10 Pro на пример се поврзува само со обичен USB Type-C во HDMI кабел за да се користи како десктоп компјутер.

Извор: ZDNet, Engadget, Android Authority

Претходна статијаZwim се очила за пливање со вграден дисплеј за прикажување информации
Следна статијаHTC U11 Plus ќе има мала рамка околу дисплејот и моќни спецификации