После првите информации според кои Microsoft спрема посебна Cloud верзија на Windows 10 оперативниот систем, сега добивме и протечени скриншоти и информации од оваа изведба. Тој ќе биде директен конкурент на Chrome OS на Google и ќе има неколку ограничувања во однос на стандардниот Windows 10. Поточно, тој ќе биде своевиден наследник на Windows RT, кој беше лансиран заедно со Windows 8.

На прв поглед, Windows 10 Cloud ќе изгледа исто како стандардната верзија, односно нема да има никакви визуелни промени. Исто така, овој Windows ќе ги има сите останати функционалности кои доаѓаат со новите надградби, како на пример екстензии за Edge или пак Windows Ink. Сепак, главно ограничување ќе биде што нема да може да се инсталираат апликации и програми од интернет, туку оваа верзија ќе биде ограничена само на Windows Store.

Ова за некои корисници може да биде големо ограничување, бидејќи голем дел од професионалните програми не можат да се инсталираат преку пазарот со апликации. Први на памет паѓаат програмите на Adobe, кои се многу користени во PC светот. Исто така, ова значи дека нашите корисници, барем засега, нема да можат да инсталираат нелегално кракувани програми од интернет мрежата.

Од друга страна, со проектите за преселување на сите Win32 програми во Windows Store со Project Centennial, Microsoft на долг рок ќе им овозможи на овие корисници да ги купат истите програми преку пазарот. Интересно, од Thurrott, од каде протече Cloud верзијата, велат дека засега на неа не може да се инсталираат Win32 програми дури и ако се симнати преку Windows Store, а самиот оперативен систем бил инсталиран на x86 компјутер.

Сигурен сум дека тоа ограничување ќе биде тргнато и дека финалната верзија сигурно ќе овозможи инсталација и на win32 софтвер, кој може да биде голем адут во борбата со Chrome OS. Да потсетам, во оперативниот систем на Google отсега ќе може да се инсталираат и Android апликации, што значително ја збогатува функционалноста.

Според истите информации погоре, корисникот сепак ќе има шанса да го надгради својот систем од Windows 10 Cloud на Windows 10 Pro. За да го направи тоа ќе треба веројатно да плати помалку пари отколку што би платил за целосно да го купи 10 Pro. Ова значи и дека Cloud верзијата ќе биде најевтина изведба во понудата и лаптопите со неа сигурно би биле поевтини отколку со целосна 10-ка.

Извор: PC World, The Verge, GHacks

Претходна статијаНовите Samsung Galaxy A3 и A5 паметни телефони достапни во Македонија
Следна статијаСамсунг Електроникс нè воведува во нова ера на паметни уреди наменети за максимално корисничко уживање