Слободно може да се каже дека ризикот од симнување на фајлови со малициозен софтвер веќе не е најголем, па дури и ексклузивен, за Windows оперативниот систем. Иако постојат повеќе фактори за тоа колку еден систем ќе биде подложен на малициозен софтвер, секако неговата популарност е еден од најважните.

Логиката е едноставна. Колку еден оперативен систем е попопуларен, односно има поголем број на корисници, толку попривлечен станува за креаторите на малициозен софтвер.

Кога ќе се земе ова во предвид, воопшто не е чудно што најпопуларниот мобилен оперативен систем, Android, полека станува одлична цел за креаторите на софтвер со малициозен код.

Овој растечки проблем го истакнува компанијата G Data, кои преку својата анализа покажуваат како бројката на малициозен софтвер значително се зголемува секоја година, а сега има стигнато до бројка, според нив, од 8.400 нови примероци секој ден.

Нивните анализи покажуваат дека до првата четвртина од 2017 се забележани 754.958 различни примероци на малициозен софтвер. Според нив, до крајот на оваа година се очекува бројката да достигне до 3.500.000, што е 250.000 повеќе од минатата година.

Причините поради кои Android има или ќе има проблем со малициозен софтвер, покрај популарноста, е проблемот со неговата фрагментираност, односно огромниот број на уреди, кои работат на повеќе верзии од системот, а најмал процент на најновата верзија, која обично се смета и за најсигурна.

Од Google секој месец издаваат сигурносни надградби за Android, меѓутоа не сите производители на смартфони ги пуштаат во своите модели. Ова може да се каже дека е и поголем проблем од фрагментираноста.

Поради ова, се препорачува да се практикуваат неколку работи, кои веќе одамна им се препорачуваат на корисниците.

Поточно, се препорачува да се користи најновата верзија од Android, најновите верзии од апликациите, а најважно, да се инсталираат апликации само од Play Store.

Се разбира, овие препораки не е секогаш можно да се практикуваат, посебно верзијата на Android. Не сите корисници имаат можност да купуваат нов мобилен телефон секоја година, а знаеме дека ретко кој од постарите модели добива надградба.

Извор: G Data, TNW

Претходна статијаOneDrive ја враќа можноста за прегледување на сите фајлови без да се синхронизирани на самиот уред
Следна статијаSystems for Enterprise – Еко ИТ Компанија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.