Windows-8.1-600x411

После сите неофицијални верзии кои се појавија на интернет и гласини за најновата верзија на Windows, излезе и официјална информација за достапноста на истата. Windows 8.1 Final ќе биде достапен на 18-ти Октомври оваа година. За сите корисници на Windows 8 надградбата ќе биде бесплатна. Windows 8.1 ќе биде достапен за купување и за сите нови корисници на истиот ден, како и на сите нови уреди кои ќе се продаваат со веќе инсталиран оперативен систем. Надградбата доаѓа 1 година од преставувањето на Windows 8 и според информациите Microsoft планира да продолжи со годишно освежување на актуелниот оперативен систем.

Кои се новостите кои ги донесува новата верзија на Windows.

  1. 1.      Враќање на Старт копчето, но не и Старт Менито

Една од најголемите критики што ги доби новиот оперативен систем Windows 8 беше недостатокот на познатото Старт Мени. Во оваа надградба Microsoft реши делумно да ги послуша критиките и да им ја олесни работата на корисниците со воведување на Старт Копче. Со притискање на Старт Копчето, нема да го видите старото Старт Мени, туку ќе бидете однесени на Старт Екранот. Разликата е во тоа што веќе не треба да одите со глувчето во долниот лев агол (или било кој од другите можни гестови) за да го отворите Старт Екранот. Со десен клик на Старт Копчето добивате брз пристап до одредени сетирања и локации кои што  Microsoft смета дека се најчесто користени. Меѓу другите, можете брзо да пристапите до: Programs and Features, Task Manager, Power Options, Device Manager, Control Panel, Run, Search… Ова како можност постоеше и во претходната верзија, со десен клик во долниот десен агол. Најголема новост на ова мени е додавањето на Shut Down можноста, нешто што до сега беше критикувано дека за разлика од Windows 7 бара многу повеќе чекори.

  1. 2.      Стартување на системот директно во десктоп околината

До сега при стартување на системот бевте директно носени на Старт Екранот. За некои корисници, а според некои извори и за повеќето корисници ова преставуваше проблем. Со користење на одредени апликации или преку менување на регистарот беше можно директно стартување во десктоп околината. Со најновата надградба ова сега е ставено на избор на корисникот и веќе не се потребни додатни апликации. За да дојдете до менито каде што ќе можете да го направите својот избор треба да кликнете со десното копче на глувчето на Taskbar-от и да стиснете на Properties. Со тоа ќе ви се отвори нов прозорец Taskbar and Navigation Properties. Стиснете на втората лента, Navigation и во долниот дел на прозорецот каде што се наоѓаат сетирања за Старт Екранот чекирајте го “Go to the desktop instead of Start when I Sign in”. Се разбира ова е доколку сакате системот да се стартува директно во десктоп околината.

 

  1. 3.      Нови и повеќе можности за прилагодување на Старт Екранот

Достапни се повеќе бои и слики, меѓу кои и движечки, за позадината на Старт Екранот. Исто така сега може да изберете позадината што ја користите на десктоп околината да биде и позадина за Старт Екранот. Со тоа чувството на разлика помеѓу десктоп и Старт околината би требало да се намали.

  1. 4.      Нови големини на Live Tiles

До сега беа достапни 2 големини, средна и широка. Со новата надградба се воведуваат 2 нови големини, односно мала и голема. Малата големина е ¼ од досегашната средна големина, а големата е дупло поголема од широката. Исто така сменет е и начинот на кои што работите со Live Tiles. Сега истите ги селектирате со долго држење, доколку работите со екран на допир или со десен клик на глувчето. Можете да селектирате повеќе од еднаш, да ги групирате, преместувате, отстранувате.

  1. 5.      Slideshow од слики на екранот додека уредот е заклучен (lock screen)

Вашите слики, без разлика дали се наоѓаат локално на компјутерот или во „облакот“ на Skydrive, може да ги користите на вашиот lock screen и да го користите уредот како рамка за слика. Истите ќе се менуваат повремено и со тоа добивате дигитална рамка за слика бесплатно.

  1. 6.      Подобрено пребарувањето на Windows

Алатката за пребарување, ако може така да ја наречам, претрпи доста промени. За разлика од претходната верзија, каде што се вршеше пребарување во главно на апликации и податоци кои се наоѓаат на компјутерот, сега на интегриран начин пребарувањето дава резултати од апликации, податоци, интернет резултати, Skydrive и повеќе. Исто така кога пребарувате од десктоп околината, резултатите не ве носат на Старт Екранот, туку се прикажуваат како листа на самата лента за пребарување која се појавува на десната страна од екранот. Доколку пребарувате додека сте на Старт Екранот, добивате повеќе од обична листа, односно добивата комбинација од слики, веб страни и слично.

  1. 7.      Повеќе позиции за Snap View

Snap View ви овозможува да го поделите екранот и на него да гледате во исто време 2 апликации, истото може да го направите само помеѓу десктоп и модерна апликација или помеѓу две модерни апликации. Поделбата ја правите така што секогаш едната апликација ќе зафаќа помал простор на екранот, а другата поголемиот. Сега е можно поделбата да ја направите на 50/50. Доколку имате и поголем екран, можете и да гледате и овеќе од 2 апликации во исто време. Промена е направена и во начинот на кои што одредена апликации автоматски го покренуваат Snap View. Пр. Доколку добиете емаил со линк до одредена страница, кога ќе кликнете на линкот, наместо во нов full screen прозорец, веб страна ќе се отвори на дел од екранот, а емаил апликацијата ќе остане на другиот дел од екранот. Се разбира ова е можно додека ги користите модерните апликации, односно апликациите на Старт Екранот.

  1. 8.      Подобрени вградени апликации и продавница за апликации

Апликациите кои доаѓаат заедно со оперативниот систем во Старт околината добиваат одредени надградби, нови функции, нов изглед… Маил апликацијата добива можност за филтрирање на емаил пораките. Апликацијата за слики сега има вградена можност за изменување на сликите, како додавање одредени ефекти, подобрување на сликите, нивно сечење и слично. Целосен редизајн и функционалност е направен на продавницата за апликации. Процесот на барање апликации е олеснат и направен е да биде поинтересен. Исто така во сетирањата на продавницата можете да изберете автоматско надградување на инсталираните апликации, наместо да добивате известување, па рачно да кликнете за нивна надградба.

  1. 9.      Промени во Skydrive апликацијата

Skydrive сега е интегриран со Windows. Веќе не ви е потребна и десктоп верзија за да можете да ги синхронизирате податоците. Можете да изберете сите податоци да бидат достапни на вашиот компјутер или до истите да пристапувате само преку интернет. Исто така преку модерната верзија на Skydrive можете да пристапите и до локаните податоци, односно податоците што се најоѓаат на вашиот компјутер. Ова е корисно за корисниците на Windows RT, поради фактот што поголемиот дел од работењето со компјутерот го прават преку Старт Екранот.

Дали промените што Microsoft ги воведува во Windows 8.1 ќе бидат доволни за зголемувње на популарноста на оперативниот систем останува да видиме.

Претходна статијаНеофицијално “Излезена во јавноста” верзија на Windows 8.1 build 9471. Донесува одредени подобрувања и редизајн на апликации
Следна статијаРедизајнирана Yahoo! Weather за Android
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.