Последниве неколку години Microsoft се соочува со особено силна конкуренција на пазарот на десктоп и лаптоп компјутери, но не од Apple, туку од Google. Chrome OS оперативниот систем, особено во Северна Америка, има се повеќе корисници благодарение на ниските цени на лаптопите и солидните перформанси дури и со послаби компоненти, па Microsoft и треба да биде загрижен.

Да, Chrome OS не е целосно способен оперативен систем како што е Windows 10, но на многу корисници и не им требаат толку многу функционалности. Згора на тоа, Chrome OS сега доби и поддршка за Play Store пазарот со Android апликации, што е огромен чекор напред за платформата.

Како одговор на тоа, Microsoft спрема Cloud верзија на Windows 10, која ќе работи слично како Chrome OS. Поточно, со овој Windows ќе може да користите само апликации од Windows Store и тие нема целосно да се инсталираат во компјутерот, туку веројатно ќе се покренуваат преку OneDrive облакот на Microsoft.

Се уште нема целосни информации за оваа верзија на Windows 10 и дали Microsoft сепак ќе им овозможи на овие компјутери да работат и со стандардните x86 Win32 програми преку некој Cloud емулатор. Имено, тие неодамна најавија дека целосниот Windows 10 оперативен систем, заедно со постарите програми, ќе можат да работат на ARM чиповите, кои би можеле да бидат составен дел од Cloud оперативниот систем, пред се поради пониската цена.

Иако не можеме со сигурност да кажеме што точно ќе биде Cloud верзијата на Windows 10, скоро со сигурност можеме да потврдиме дека таа ќе биде достапна наскоро, бидејќи почна да се појавува во интерни изведби на оперативниот систем на Microsoft, со најави дека би можела да пристигне со Creators Update во Април оваа година.

Извор: The Verge, ZDNet, The Next Web

Претходна статијаGoogle пушти Android 7.1.2 beta надградба за Pixel и Nexus уредите
Следна статијаНовиот робот од Vespa ќе го носи Вашиот багаж