Cortana стана многу важен дел од Windows 10 и многу корисници ја користат скоро редовно, но не за работите за кои Microsoft сака да ја користат. Поточно, поголемиот дел од корисниците на десктоп верзијата на Windows 10 ја користат Cortana само за пребарување на датотеки, апликации и подесувања во оперативниот систем, а не за да разговараат со неа како што тоа беше првично замислено.

Затоа, Microsoft планира промени во Cortana, кои треба на некој начин да ги навлечат корисниците повеќе да ја користат Cortana како што корисниците на Android го користат Google Now (Assistant), односно оние на iPhone го користат Siri. За да го постигнат тоа, тие ќе го променат интерфејсот на самиот дигитален асистент, кој сега ќе изгледа како еден вид на чет, многу слично на Google Assistant. Ова треба да ја олесни конверзацијата со дигиталниот асистент, особено за поставување прашања од најразличен тип.

Покрај тоа, Cortana најверојатно ќе биде преместена на десната страна на таскбарот, наместо на левата каде е на истото место со полето за пребарување. Во иднина, полето за пребарување најверојатно ќе остане и ќе се користи за најразлични пребарувања во самиот оперативен систем, додека Cortana ќе се користи за поставување прашања, за потсетници, пребарување на интернет итн. И благодарение на тоа што корисникот ќе може да има конверзација со Cortana, пребарувањето ќе биде многу поинтуитивно, бидејќи ќе може да се поставуваат едно по друго прашање, исто како кај Google Assistant.

Засега нема точна дата кога би можеле да ги видиме новите можности на Cortana во Windows 10, но со оглед на тоа што новиот кориснички интерфејс се’ уште не е достапен ниту во Insider изведбите, ова не би се случило многу наскоро. Слободна проценка е дека освежената Cortana ќе биде официјално претставена дури наредната година.

Извор: Thurrott, Digital Journal, Windows Latest

Претходна статијаЗа 250 долари месечно, можете да пресретнувате SMS пораки и повици?
Следна статијаОд денес Европската Унија ги укинува роаминг трошоците во своите земји