lenovoo-copy

И покрај сите ветувања на Microsoft дека нема да ја напушти својата мобилна платформа, факт е дека тие не се баш посветени на неа. Да, Windows 10 Mobile има одлична поддршка со надградби, веројатно подобра дури и од iOS, но софтверскиот гигант не прави ама баш ништо друго за да го направи својот оперативен систем компетитивен со Android и iOS.

Ова е голем проблем за производителите на хардвер, кои нормално сакаат платформа што ќе ги привлече купувачите да ги купуваат нивните паметни телефони. Затоа, според извршниот директор на еден од најголемите производители на лаптопи, Lenovo не планира да развива и произведува паметни телефони со Windows 10 во блиска иднина, бидејќи според нив Microsoft не е доволно посветен на платформата.

Токму тоа е причината што и многу од другите производители се откажаа – пред неколку години и Samsung и HTC развиваа паметни телефони со Windows, но во моментов ситуацијата е скоро очајна – скоро и да нема поголем производител со паметен телефон со Windows 10 Mobile, а дури и Microsoft престана со производството на своите Lumia телефони.

Последна шанса за враќање на мобилната верзија на Windows 10 е веројатно Surface Phone паметниот телефон, кој би требало да го видиме во првата половина на наредната година. Најавите се дека тој телефон ќе биде насочен кон бизнис купувачите, но иста таква најава имаше и за Surface таблетите, а денес се тие веројатно и најпопуларни во сферата на „2 во 1“ уреди.

Затоа, Microsoft веројатно ќе треба да даде се од себе за овој телефон да биде привлечен за купувачите, но и за останатите производители на хардвер, кои како што е случајот со Surface таблетите, би ги копирале дизајнот, карактеристиките и функционалностите и со тоа би ја прошириле платформата…

Lenovo инаку требаше да лансира Windows 10 Mobile телефон токму овој месец, а од него на интернет мрежата беа протечени и фотографии, но тој сепак веројатно нема да го видиме во продавниците, освен ако директорот на компанијата не е свесен дека тие веќе имаат ваков телефон во плановите.

Извор: The Next Web, The Register, MS Power User

Претходна статијаGoogle ги претстави Pixel смартфоните со најдобра камера досега
Следна статијаНаучници најдоа начин да праќаат лозинки преку вашето тело