ubuntu-takeover-image

Од денеска достапна е најновата верзија од најпознатата Linux дистрибуција Ubuntu. Со познатиот концепт на пуштање по две верзии годишно, во април и октомври, денешната верзија го носи бројот 16.04.

Главното кај оваа верзија е што истата е на ред за долгорочна поддршка, односно 16.04 ја носи LTS ознаката. Тоа значи дека оваа верзија ќе добива поддршка, сигурносни надградби и слично во наредните 5 години.

LTS верзиите најчесто се препорачани и се користат од компаниите и другите корисници на кои стабилноста и поддршката на системот им е клучна во работата, па не би сакале да експериментираат со меѓу верзиите.

Инаку, Ubuntu 16.04 LTS како нова верзија донесува и повеќе новости. Истите не ја менуваат работата на оперативниот систем значително, како што тоа беше на пример воведувањето на Unity десктоп околината.

Кога сме кај Unity, истата е надградена на верзијата 7.4 која донесува исправки на багови и слични подобрувања на перформансите. Една од позначајните промени со оваа верзија е можноста Unity Launcher да биде поставен на долната страна од екранот, наместо фиксната позиција на левата страна како досега.

Сепак, корисниците нема да можат лесно да ја најдат оваа опција во прилагодувањата на системот, па истото ќе мора да го направат преку dconf-editor или преку некоја од познатите апликации како Unity Tweak Tool.

Ubuntu 16.04 исто така донесува и нов формат за „пакување“ на апликациите кој треба да овозможи побрзо и полесно пакување на апликациите и со тоа овозможување на корисниците. Snap е наречен новиот формат и ќе функционира паралелно со досегашниот .deb. Програмерите ќе имаат можност на лесен начин своите deb пакети да ги претворат во новиот формат.

Новата верзија од Ubuntu ги донесува и следните новини:

  • Поддршка за ZFS фајл системот
  • Python 3.5
  • Linux Kernel 4.4 со подобра поддршка за новите процесори и графички карти
  • Кратенки на launcher-от за надворешните уреди
  • Полесно креирање на десктоп кратенки со влечење на иконите на десктопот

Доколку сте веќе корисник на Ubuntu, новата верзија можете да ја инсталирате преку самиот оперативен систем, а исто така можете да ја симнете и преку официјалната страна на следниот линк.

Повеќе информации: Ubuntu, OMGUbuntu

Претходна статијаКако вашиот вебмејл да го користите како главен клиент за испраќање пораки во Windows
Следна статијаZUK Z2 Pro има Snapdragon 820 чип, 6 GB рам и 128 GB простор, а чини само 420 долари
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.