2i8a9511

Пред Build конференцијата имаше некои најави дека Windows 10 ќе може да користи Android апликации. Сепак, ова е само делумно точно. Имено, ова е направено за дивелоперите, кои сега ќе можат многу полесно да ги префрлат Android, како и iOS апликациите, во Windows 10 околината, со користење на истиот код, само со некои ситни промени. Microsoft се надева дека ова ќе донесе многу повеќе апликации во Windows Store.

Имено, Тери Маерсон, човекот во Microsoft задолжен за привлекување на дивелоперите, на лице место ја префрли познатата игра Candy Crush од iOS во Windows 10 верзија, без некој поголем напор. Всушност и самата игра, која веќе се наоѓа на Windows Store, го користи истиот код како iOS верзијата.

Од софтверскиот гигант велат дека новиот компајлер за апликации може целосно да го искористи Java и C++ кодот кој се користи во Android, како и Objective C, кој се користи во iOS. „Префрлените“ апликации ќе функционираат целосно во Windows 10 околината, со нотификации и можност за живи плочки, нормално доколку тоа го активира дивелоперот. Microsoft најави дури и можност за префрлање на кодот на цели веб сајтови во апликација во Windows Store, која ќе биде исто така целосно функционална.

Ваквиот потег можеби е на еден начин капитулација на Microsoft, но од друга страна отвора можности кај дивелоперите, со вложување мали средства, да направат апликација и за новиот Windows. И најдобро од се, оваа апликација нема да работи само на телефоните, туку и на сите уреди со Windows 10, како таблетите, лаптопите, десктопите, па дури и Xbox играчката конзола, односно HoloLens холограмските очила.

Исто така, во новата верзија на унифицираниот Windows Store, ќе можат да се публикуваат и класичните Windows програми, како на пример Adobe Photoshop, што е најавено за крајот на годинава. Ова ќе овозможи многу поголема заштита кај корисниците од вируси, бидејќи програмата ќе биде проверена, но и полесна инсталација, само со едно “Install” наместо досегашното инсталирање на таквите апликации со бесконечното “Next, next, next…”

Извор: TechCrunch, Windows Central

Претходна статијаMicrosoft Edge е официјалното име на новиот прелистувач за Windows 10
Следна статијаИнтервју на Марк Цукерберг пред 11 години