Android Go е полесна верзија на оперативниот систем за послабите евтини смартфони

Напишано на 19.05.2017 - 19:02 од Иво Гиевски

Многу евтини смартфони со Android имаат особено голем проблем со перформансите. Всушност, „чаршиски“ муабет е дека Android кочи и е бавен, за што покрај слабите компоненти на голем број од смартфоните, „крив“ е и самиот оперативен систем, кој е потежок од она што е потребно.

Затоа, Google ќе лансира посебна верзија на Android O, наречена Android Go, која ќе биде многу полесна и ќе биде наменета за поевтините смартфони, нешто налик на Android One иницијативата од пред неколку години.

На пример, за прв пат после подолго време, Android Go ќе може да работи без проблеми на уреди со помалку од 1 GB рам меморија, што е импресивно постигнување, иако би почекал да го видам во пракса пред лично да донесам заклучоци.

Покрај оперативниот систем, Google ќе лансира и полесни апликации, како на пример YouTube Go, која ќе му дозволи на корисникот да го избере квалитетот на видеото уште пред да почне да се „лоадира“, со цел да не потроши многу од својот интернет сообраќај.

Сите апликации кои ќе бидат достапни за Android Go ќе заземаат под 10 MB простор на телефонот, што ќе ја намали потребата од купување дополнителен простор за телефоните. Исто така, овие апликации ќе бидат оптимизирани за да користат помалку рам меморија, но за да има доволно такви апликации на Play Store, ќе треба и останатите дивелопери да направат посебни верзии. Добар пример за тоа се Facebook Lite и Messenger Lite на пример.

Android Go очекувајте во иднина да почне да се вградува во најевтините модели на пазарот. Google се уште нема објавено кои се партнерите кои ќе го вградуваат овој оперативен систем, но очекувам сите поголеми производители да се придружат на оваа иницијатива, особено што ќе им овозможи многу полесен влез на пазарите во развој.

Извор: TechCrunch, Android Authority, Engadget

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети. Контакт: [email protected]