Microsoft е особено сериозен кога се во прашање сигурносните надградби за своите оперативни системи, за разлика од некои други производители на софтвер. Доказ за тоа е што до денешен ден тие го поддржуваат и Windows Vista, оперативен систем кој е постар од 10 години и кој не беше особено успешен ниту кога беше лансиран (иако во неговото време мене лично многу ми се допаѓаше).

Сепак, поддршката за Vista дефинитивно ќе заврши на 11 април. Ова значи дека ќе секнат безбедносните надградби, но и корисниците нема да може да се обратат на Microsoft тимот за поддршка доколку имаат некој проблем.

Ова е веројатно многу пати кажано досега, но доколку имате Windows Vista на вашиот компјутер, веќе одамна е време да надградите барем на Windows 7 или идеално на Windows 10, не само поради подобра безбедност, но и поради тоа што многу нови програми веќе нема да работат на Vista.

Без грижи дека вашиот компјутер нема да работи добро доколку инсталирате нов оперативен систем – Vista беше тешка за компјутерите од своето време, а после неа Microsoft работи на подобрување на перформансите на своите оперативни системи – Windows 10 на пример е особено оптимизиран и без проблем работи и на постари машини – само треба да се осигурате дека имате минимум 2 GB RAM меморија.

Од друга страна, бројот на корисници со Vista кај нас е сигурно многу мал, но тоа не треба особено да радува – многумина се на античкиот Windows XP и дури и се колнат во него.

Извор: Fortune, Daily Express, The Guardian

Претходна статијаРаботилница на тема „Генерирање на идеи и бизнис модели“ денес во СЕДЦ Бизнис Симулаторот
Следна статијаЗапознајте ја Angel Giuffria – бионичката актерка која полека го освојува светот