Windows 10 Mobile Redstone 2 надградбата ќе донесе големи подобрувања во Continuum

Напишано на 12.10.2016 - 13:26 од Иво Гиевски

1470985738_windows-10-redstone-2-promo-phone-02_story

Главна одлика и адут на Windows 10 Mobile телефоните денес е токму Continuum функцијата, која овозможува користење на телефонот како Windows 10 компјутер доколку го приклучите на поголем дисплеј. Сепак, Continuum сѐ уште ги нема сите функционалности како десктоп верзијата на Windows 10, што ја ограничува корисноста и функционалноста.

Ова треба драматично да се промени со Redstone 2 надградбата за Windows 10 Mobile, чии најголеми подобрувања ќе бидат токму во Continuum. Прво, со оваа надградба корисниците ќе можат конечно да го заклучат својот телефон и да продолжат да работат на големиот монитор – во моментов телефонот мора да биде константно вклучен, што донесува до загревање и непотребно трошење на дисплејот.

1474987414_rs2_kjfvakjr_story

Потоа, Continuum ќе овозможи и работење во прозорци, исто како и на десктоп Windows 10, а корисниците ќе можат да направат и “Snap” на апликациите и да работат на две одеднаш, една до друга. Исто така, старт менито во Continuum веќе нема да мора да биде исто како тоа на паметниот телефон, што е логично решение, бидејќи корисникот сигурно ќе користи различни апликации на телефонот и различни апликации на големиот дисплеј.

Не помалку важна новост ќе биде и “Proximity Connect”, која автоматски ќе го поврзе телефонот на големиот дисплеј кога ќе се доближите до него, веројатно преку Wi-Fi или Bluetooth, а за бизнис корисниците, кои Microsoft ги таргетира со овој оперативен систем, овозможена е надградба на многу телефони преку USB, што овозможува поголема контрола на IT службата во компанијата.

1474987426_rs2_lkdsnflae_story

Redstone 2 надградбата треба да пристигне во Април 2017 година и неа ќе ја добијат сите корисници кои моментално имаат Windows 10 Mobile. Сепак, Continuum ќе биде достапен само за оние со уред кој веќе ја поддржува таа можност.

Извор: Neowin, IB Times, MS Power User

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети. Контакт: [email protected]