skype-logo-open-graph

Иако Skype веќе одамна е во сопственост на Microsoft, корисниците на нивниот мобилен оперативен систем Windows Phone може да се каже дека ја имаат најлошата апликација во споредба со Android и iOS верзиите. Доста функции, како и можности за прилагодување не се вклучени на Windows Phone, а тука се и прилично лошите перформанси на апликацијата која што е прилично бавна, посебно при продолжување на започнат разговор.

Од оваа недела достапна е понова верзија од Skype за Windows Phone 8 и 8.1, поточно верзија 2.19, која што вклучува неколку нови функции и подобрувања. Сепак не се работи за целосно новата верзија од Skype најавена од страна на Jeo Belfiore, барем се надеваме дека таа верзија е се’ уште во развој.

Од она што ние можевме да го забележиме кај апликацијата после инсталирањето на надградбата е дека таа конечно работи многу побрзо, посебно кога го продолжувате започнатиот разговор после користење на друга апликација. Според Skype направени се и подобрувања во системот за нотификации, но тоа ќе го видиме со тек на време. Нотификациите од Skype сега треба да бидат прикажувани во центарот за нотификации во Windows Phone 8.1, меѓутоа и досега ние можевме да ги гледаме, па не ни е баш јасно каква е промената во овој дел.

Една мала, но корисна функција е конечно додадена во Skype, а тоа е можноста за менување на веќе испратената порака. Сигурно многу често ви се случува, посебно кога пишувате од вашиот мобилен, да направите грешка, па можноста достапна на другите платформи е многу корисна. Со подолго притискање на пораката која што сакате да ја измените, сега покрај можноста за нејзино копирање, додадена е можноста за нејзина измена.

За корисниците кои што имаат пристап до Cortana, со оваа верзија ќе можат да започнат видео повици преку личниот асистент. Како пример од Skype наведуваат дека ќе можете да започнете видео повик со кажување на команда како, “Skype get Lara Kingwell on the screen”.

Skype 2.19 е достапна во продавницата за апликации и можете да ја симнете или ажурирате преку следниот линк.

skype-wp-qr

Извор: Skype

Претходна статијаДадете им нов изглед на иконите на вашиот Android телефон
Следна статијаLenovo поднесе патент за паметни очила
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.