Денес, скоро сите поголеми играчи кои нудат некакви онлајн сервиси, нудат и начин за подобра заштита при логирање. Microsoft го има Authenticator, кој досега се користеше само за добивање на код. Отсега, оваа апликација, достапна за iOS и Android, ќе овозможи да се логирате на нивните сервиси без да треба воопшто да ја впишувате лозинката, што може да биде од голема помош, а секако и побезбедно.

Оваа опција е побезбедна од едноставна причина што за секое логирање ќе мора да го имате вашиот смартфон со себе, а бидејќи сите скоро секогаш ги имаме нашите смартфони со нас, ова решение е и многу полесно. Се што треба корисникот да направи е да го одобри логирањето од својот смартфон, односно да ги поврзе бројките кои се јавуваат на компјутерот и телефонот.

Поточно, при доаѓање на делот каде што треба да се логирате со вашата Microsoft сметка, односно по внесување на вашата имејл адреса, наместо внесување на вашата лозинка, можете да ја изберете опцијата да ја искористите Authenticator апликацијата. На екранот ќе биде прикажана бројка, која што ќе треба да ја изберете во апликацијата од три можни, како начин да потврдите дека сакате да се логирате. Потоа, се што треба е да притиснете на копчето за да го одобрите логирањето, а доколку користите ПИН код на вашиот мобилен, ќе треба да го внесете и него.

Секако, оние корисници кои сакаат да останат на „застарените“ лозинки, тоа можат да го направат при самото логирање и потоа апликацијата ќе го запамети тој избор.

Извор: ZDNet, The Verge, ARS Technica

Претходна статијаApple промовираше емулатор кој ќе ве врати 25 години наназад
Следна статијаWindows 10 Redstone 3 пристигнува во септември оваа година