Една од главните одлики на Instagram Stories, а и на сличните вакви функции кај конкурентите, е кратката достапност на објавените слики и видеа, како и достапноста на посебен дел, но не и на профилот на корисникот.
Поточно, иако верувам дека знаете, се што се објавува на Stories има „рок на траење“ од 24 часа, по што веќе не е достапно за корисниците да го гледаат.
По некоја логика, ова јас лично не го знаев, сликите и видеата кои може да се објават како Stories беа ограничени на старост од максимум 24 часа, за да се задржи концептот на овој дел од друштвената мрежа.
Од оваа недела Instagram го менува ова правило, односно ограничување, па сликите и видеата кои може да се објават како Stories ќе може да бидат и постари.
Како и до сега, доколку не сликате или снимате во моментот на објавувањето, со повлекување нагоре, односно со отворање на галеријата од телефонот сите достапни слики ќе може да се објават во Stories.
Постарите слики кои ќе бидат објавени како Stories, ќе имаат ознака со датата кога се сликани со цел корисниците да знаат дека се работи за постара слика. Оваа ознака, како и другите, ќе може да се преместува, да се менува големината, бојата и слично, но ќе може и да се тргне целосно.
Извор: Instagram