Можеби оваа одлука е малку чудна, поради веќе големиот број на апликации преку кои што можете да испраќате инстант слики и видеа, а се разбира и Slingshot апликацијата која што Facebook, сопственикот на Instagram, ја претстави неодамна. Сепак, апликацијата која што пред неколку дена беше прикажана на рекламен банер кај одреден број на корисници на Instagram, испадна дека не е фиктивна апликација за тестирање на системот за реклами.
Денеска Instagram ја претстави Bolt, апликација за комуникација со вашите пријатели преку пораки и кратки видеа. Секогаш кога ќе излезе некоја ваква апликација, таа се споредува со најпознатата Snapchat, па и Bolt ќе влезе во категоријата на Snapchat конкуренти. Она што е интересно е дека Bolt на почеток е достапна само за корисниците на Нов Зеланд, Сингапур и Јужна Африка, поради како што објаснуваат од компанијата големиот број на Instagram корисници, високиот процент на корисници на Ice Cream Sandwich верзијата на Android, како и англискиот јазик.
Bolt не бара од корисниците Instagram или Facebook сметка за да се најават и користат сервисот. Тој работи користејќи го телефонскиот број, односно како што работат апликациите како Viber. Сите корисници на Bolt кои што го имаат вашиот телефонски број, ќе можат да ви испратат Bolt порака. Пораките исто како и на Snapchat се со рок на траење, по што се бришат од уредот на примачот, како и серверите на Bolt, односно Instagram. Пораки испраќате преку притискање на една од иконите кои што се направени од сликите на вашите пријатели кои што ги имате ставено во листата на омилени во апликацијата. Со едно притискање испраќате порака, додека видео можете да испратите преку задржување на копчето. На пораките можете да одговорите со слика, или преку внесување на текст на примената и заматена слика.
Bolt е достапна за корисниците на Android и iOS платформите, а не е познато кога може да се очекува достапност во остатокот од светот, покрај горенаведените земји.
Извор: TechCrunch