Facebook Messenger добива нов дизајн на мобилната апликација

Напишано на 19.05.2017 - 12:44 од Мишо Лекиќ

Не знам за вас, но мене лично моменталниот дизајн и поставеност на Facebook Messenger апликацијата ја прави да е меѓу полошите апликации од овој тип. Ставањето на главниот акцент на апликацијата на камерата преку истакнување на огромното копче за истата, како и замената на функцијата при повлекување од горе со вклучување на камерата на тој начин, ја направи апликацијата многу полоша.

Од Facebook доаѓаат одлични вести за нов дизајн на апликацијата кој ќе биде достапен на Android и iOS, дизајн кој ќе ја врати функционалноста на нормално ниво.

Новиот дизајн на апликацијата прави еден вид на поделба на навигацијата со воведување на нова лента на горниот дел, односно веднаш под лентата за пребарување. Со воведувањето на оваа лента, навигацијата низ апликацијата се дели на разговори и останати работи.

Горната лента ќе ги има три делови, односно дел за разговорите, активните корисници и групните разговори. На овој начин едноставно ќе може да се дојде до разговорите кои сепак се главната намена на Messenger и покрај големиот развој на апликацијата изминатите години.

На долната лента ќе бидат поставени копчињата за Home, повици, камера, луѓе и игри. Копчето за камерата е намалено, односно тоа веќе не се истакнува во споредба со останатите, но сепак останува во центарот, па корисниците кои често го користат, ќе продолжат да имаат лесен пристап до него.

Дополнителна новина ќе бидат ознаките на копчињата на посебните делови кога има ново известување, односно на делот за пораки, кога ќе има непрочитани пораки и соодветно на другите.

Може слободно да се каже дека иако Messenger како платформа за многу претставува непотребно комплицирање на апликацијата, со новиот дизајн ќе се врати акцентот на разговорите, а со тоа и функционалноста на апликацијата.

Извор: Facebook, The Verge, TechCrunch

За Авторот

Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.