Секој од нас посакува да има повеќе време, да заборава помалку работи, и да ги завршува најважните задачи. Ова станува пеколно тешко поради фактот што секојдневно сме бомбардирани од сите страни со слики, постови, твитови, песни, видеа со слатки мачиња и други работи кои ни гризат од меморијата и ни го уништуваат фокусот. Овој сензорен наплив од информации ни влијае буквално на секој сегмент од животот, а најмногу на работата.

Сепак, постојат начини на кои можете да господарите со вашето време, употребувајќи една од подолните апликации. Признавам дека е контраинтуитивно да користите повеќе апликации за продуктивност, кога екраните на нашите мобилни се едни од главните виновници за ерозијата на нашиот фокус. Сепак, тие стануваат се помоќни и подобри во тоа што го прават. Подолу се апликациите кои јас најчесто ги користам за да останам „здрав“ во текот на денот и кои можат да ве претворат во машина за продуктивност.

Evernote

Гледајте на Evernote како на плакар во вашиот мозок во кој можете безбедно да ги фрлите сите информации кои ги сретнувате во текот на денот, и кој можете да го отворите кога сакате и да проверите што има во него. Во Evernote може да прикачувате слики, документи, рецепти, видеа, исечоци од веб страници (преку web clipper екстензијата) и се друго на кое можете да помислите. Одличен е исто така и за пишување на текстови и белешки кои автоматски се чуваат на вашиот профил во облакот. На прв поглед Evernote може да делува малку комплициран за употреба, но колку повеќе го користите толку повеќе полза ќе видите од неговото користење (hint: користете тагови). За добар почетен водич, прочитајте го овој напис. Добра алтернатива на Evernote е Trello, која е исто така многу моќна алатка за организација.

StayFocusd

Повеќето луѓе мислиме дека имаме челична и безгранична волја и дека можеме да оддолееме да го прочитаме оној напис, да го лајкнеме оној пост, или да ја твитнеме онаа песна додека сме на работа. Колку од вас се зарекнале дека нема веќе да ги посетуваат своите социјални профили или Јутуб додека се на работа, само за подоцна да се зачудат кога поминал денот? StayFocusd е екстенција за Chrome (има и андроид апликација) која ја отфрла нашата несовршеност од равенката, барајќи од нас само да назначиме кои веб страници сакаме помалку да ги посетуваме и колку време сакаме да ги посетуваме во текот на денот. Кога ќе истече дозволеното време тогаш апликацијата автоматски ви го блокира пристапот до наведените сајтови…се до наредниот ден. Се разбира, секогаш можете да ја отстраните апликацијата од вашиот прелистувач, но тогаш зошто воопшто да се мачите да ја инсталирате?

Focus Booster

Едноставна апликација за Windows и OS X која се заснова на Помодоро техниката за менаџирање со време, која се заснова на кратки интервали (на пр. 25 минути) во кои интензивно работите на некоја задача. По истекувањето на секој интервал од 25 минути, земате 5 минути пауза, но можете да си играте со времетраењето на интервалите. Комбинирајте со Паретовиот принцип, според кој 20 проценти од нашите активности (и тоа не само во нашата работа, туку во која било животна област – љубов, пријателство итн.) произведуваат 80 проценти од резултатите на тие активности. Одредете кои се тие 20 проценти, и почнете да работите. Поентата е да не трошите време на работи кои не ви носат никаква корист, и не ве прават посреќни.

Wunderlist

Сите сакаме да правиме листи. Некој сака да запишува на хартија, некој на мобилен. Јас ги применувам и двата методи, со повеќе или помалку успех. Сепак, Wunderlist e дефинитивно апликацијата која ја отворам за да направам список на работи кои сакам да ги запамтам. Апликацијата дозволува да ставиш потсетник, да споделиш листа со свој пријател, и да ставиш датум до кога треба да завршиш некоја обврска. Покрај тоа, има многу кул позадини и е визуелно привлечна. Ако сакате листи, и го користите мобилниот за запишување, тогаш морате да ја пробате Wunderlist.

Sunrise calendar

Најдобра календар-апликација која досега сум ја користел. Визуелно убава, и премногу лесна за употреба. Брзо се внесува нов настан и има одличен widget. Најважно од се, синхронизирана е со низа други апликации, како на пример Wunderlist (но и Google Calendar и iCloud), и кога ќе внесете потсетник или to-do во Sunrise, истиот може лесно да го споделите со Wunderlist.

Pocket

Дали некогаш сте се нашле во ситуација кога сте се зачитале некој долг напис на работа и не сте сакале да прекинете од страв да заборавите да го прочитате подоцна? Ако да, тогаш инсталирајте ја Pocket. Со Pocket, можете да направите dump на сите написи кои сакате, а во моментот не можете да ги прочитате. Подоцна, каде и да сте, ја отворате апликацијата и со еден клик ја отворате статијата која е форматирана на начин лесен за читање. Во Pocket може исто така да прикачувате и слики и видеа. Апликацијата работи и офлајн и е достапна за Android, iOS и Desktop.

IFTTT

„If This Then That“ е апликација која сака да ви заштеди време на репетитивните задачи кои ги вршите секојдневно на интернет, и да го поедностави начинот на кој го користите мобилниот. Апликацијата ова го прави преку т.н. „рецепти“ кои се засноваат на структурата „ако ова, тогаш тоа“. Примери за рецепти кои можете да ги создадете се следниве:

  • Ако сум дома, тогаш приклучи ме на домашен wi-fi
  • Ако фаворитнам некој напис на Pocket, прати го во Evernote
  • Ако е 12 часот навечер, стави го мобилниот на silent

Ја сфаќате поентата. IFTTT содржи илјадници други корисни рецепти кои ќе ви го олеснат животот, а може да крадете од „all time best” листата на рецепти кои се покажале како најпопуларни меѓу корисниците.

Користејќи ги овие апликации ќе можете да се фокусирате на поважните работи, и подобро ќе управувате со вашиот најдрагоцен ресурс: времето. Ова се моите предлози, ако сметате дека постојат и подобри, споделете.

Претходна статијаЛаптоп за вистинските аудиофили – HP Elitebook Folio 1020 Bang&Olufsen
Следна статијаMicrosoft ги потврди хардверските побарувања за Windows 10 Mobile