chrometest1.0

Сите кои имате лаптоп со Windows 10 и сакате подолго да ви трае батеријата, еве еден едноставен совет – користете Microsoft Edge. Да, според истражувањата на Microsoft, нивниот прелистувач овозможува 70% подолго траење на батеријата во однос на најпопуларниот Google Chrome.

Останатите два тестирани прелистувачи, Mozilla Firefox и Opera постигнуваат подобри резултати од Chrome, но Edge лесно ги победува и нив – трае 40% повеќе од Firefox и 17% повеќе од Opera. Тестот е инаку направен со пуштање на видео преку прелистувачот, се додека не се испразни батеријата. Лаптопот (во сите случаи Microsoft Surface Book) со Chrome трае убедливо најмалку, што и не е изненадување – прелистувачот на Google е „не“популарен по тоа што троши многу батерија.

Иако за многумина ова ќе биде доволна причина да се префрлат на Edge, кој и според моето искуство е многу постабилен од тоа што беше пред помалку од една година и е особено брз и флуиден, за некои ќе недостасуваат екстензиите кои ги имаат другите прелистувачи. За тие корисници, Microsoft наскоро ќе ја вгради и таа опција во Anniversary Update надградбата, која треба да пристигне на 29 јули за сите корисници на Windows 10. Од Microsoft нагласуваат дека оваа надградба ќе донесе уште подобрувања за подолго траење на батеријата, како контрола на активностите во позадина и помало користење на процесорот и меморијата.

За оние кои немаат Windows 10, односно се уште се на Windows 7 или 8.1, доколку сакате подолго траење на батеријата, користете Firefox или Opera – според моето искуство со Windows 7 на постар Lenovo ThinkPad лаптоп, прелистувачот на Google пребрзо ја троши батеријата (околу 3 часа), додека со останатите прелистувачи може да се извади час до час и пол повеќе, што е повеќе од 50% подобрување. Internet Explorer вади уште подобри резултати, но не препорачувам негово користење поради слабата безбедност, но и компатибилност со поновите веб сајтови.

Извор: Mashable, The Verge, Windows Blog

Претходна статијаKiloCore е првиот процесор со 1.000 јадра, може да работи и само со една AA батерија
Следна статијаToyota спрема автопилот со „Вештачка интелигенција“