Од оваа недела за сите корисници на Firefox е достапна новата, 54та, верзија од овој интернет прелистувач. Она што го привлекува вниманието кај оваа верзија е воведувањето за повеќето корисници на новиот мулти процес систем кој според Mozilla, го прави Firefox многу побрз, го враќа во конкуренција со Chrome и другите, а корисниците треба повторно да му дадат шанса.

Во основа, мулти процес системот ги издвојува корисничкиот интерфејс, односно основата на прелистувачот, од содржината која се прикажува, односно веб страните и додатоците коишто ги користи корисникот.

Ова е нешто што одамна конкурентите го прават со нивните прелистувачи, а главната придобивка е зголемувањето на стабилноста, поретко паѓање на прелистувачот, односно проблемите со една веб страна, не влијаат на остатокот од програмата.

Сепак, користењето на ваков систем прави да прелистувачот користи повеќе РАМ меморија, нешто за коешто Google се критикувани за нивниот Chrome. Firefox поради тоа ќе користи ограничен број на процеси, за да не дојде до преголемо трошење на меморијата.

Исто така, овој нов систем значи и почеток на воведување на таканаречената sandboxing функција, која во основа го изолира едниот процес од остатокот од системот и прелистувачот, што е доста важно кога е во прашање безбедноста.

Оваа нова функција на Firefox е достапна за поголемиот број на корисници од оваа недела, меѓутоа истата нема да биде вклучена доколку се користи некој не поддржан додаток, така да ќе помине уште малку време додека сите ја добијат.

Firefox 54 е достапен за сите платформи, односно на Windows, Linux, macOS и Android.

Доколку сте корисник на Firefox истиот веќе треба да се надгради автоматски или преку About менито, а доколку веќе одамна се имате префрлено на Chrome, можеби ќе му дадете уште една шанса на порано најпопуларниот прелистувач.

Извор: Mozilla, gHacks, VB

Претходна статијаYahoo! оваа недела официјално стана дел од Verizon
Следна статијаЈапонија го гради најбрзиот супер компјутер со 130 petaflops и површина од 1.000 m2
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.