Популарноста на оваа игра е толку голема, што не е потребно никакво претставување на истата. Има луѓе коишто ја играат, но има и такви коишто не можат да ја разберат причината за големата популарност, но нема некој којшто не знае за оваа игра.
Најновите бројки кои доаѓаат од Sensor Tower, компанија која работи со анализа на апликации, го потврдуваат она што најверојатно нема никого да изненади.
Pokémon Go успеа да направи приходи од над 200 милиони долари во првите месец дена од пуштањето на играта. Да потсетиме дека играта не е веднаш достапна за сите во светот, па пуштањето е постепено, а приходите може да се очекува само да се зголемат.
Приходите исто така се споредени со приходите во првите месец дена од две други популарни игри, а со тоа се добива и подобра слика за тоа колку е популарна Pokémon Go. Другите две игри, Candy Crush Soda Saga и Clash Royale, имаат значително помали приходи во истиот временски период.
Од бројките од Sensor Tower може да се види дека голем фактор во огромните приходи кои ги има остварено Pokémon Go има и Јапонија. По пуштањето на играта во таа земја, приходите добиваат значително поголема нагорна линија на раст, а тоа може да се види и од следната слика.
Pokémon Go дефинитивно привлече многу внимание во јавноста и покрај достапноста на многу други поважни случувања во светот. Тоа очекуваме да продолжи да биде така, барем уште одреден период, додека на луѓето не им здодее или додека не излезе некоја нова игра.
Извор: Sensor Tower, TechCrunch