На огромна радост на љубителите на серијалот Call of Duty, легендарната First person shooter игра се враќа на „најбогатиот“ дел од историјата што се однесува до инспирацијата за воени сценарија, Втората светска војна.

Официјалната промоција на играта се случи пред само неколку дена, кога пред фановите беше објавен и датумот на кој играта ќе ја доживее официјалната премиера. Серијалот кој дебитираше во октомври 2003-та, го добива своето 14-то официјално продолжение (покрај низата експанзии и фан-пакети) и ќе им понуди на играчите уникатно искуство од боиштата за време на Втората светска војна на територијата на Франција.

Премиерата ќе се случи на 3-ти ноември годинава, петочки, што стана традиција кога се работи за промовирање на нова игра од серијалот. Приказната ни ги раскажува доживувањата и искуствата на младиот, неискусен војник Роналд „Ред“ Даниелс, кој е припадник на Првата пешадиска дивизија на американската армија. Настаните кои играчот ќе ги доживее преку играта се поврзуваат со некои вистински историски важни настани, како и замислени авантури од приватниот живот на протагонистот Ред.

За сега, двете студија кои работат на развојот на играта, Activision и Sledgehammer, не откриваат премногу детали во врска со приказната, меѓутоа она што е евидентно е дека визуелните ефекти, графиката и се она што генерално се врзува со визуелното искуство е на ниво, какво што до сега не е видено во рамки на гејминг индустријата.

Како и до сега, Call of Duty продолжува да поставува стандарди во речиси сите аспекти на „занаетот“, па со оглед на тоа колку труд вложиле во визуелниот приказ на играта, сосема е логички да добиеме неверојатно добра и интензивна приказна која ќе остане за паметење. Покрај основниот, Singleplayer, по интернет ходниците се зборува и за посебно, Zombiemode издание, како и квалитетно Multiplayer искуство.

Што од сето тоа е вистина ќе дознаеме на 3-ти ноември, или можеби некој ден претходно, ако се земе в предвид фактот дека играта е веќе достапна за pre-order во својата Private Beta верзија.

Извори: Facebook, TechnoBuffalo

Претходна статијаGoogle го олеснува пишувањето и поправањето на текст за Android уредите
Следна статијаARM дизајнира нов фотографски процесор, наменет за автономните возила и смартфоните