Insider корисниците на Windows 10 штотуку добија надградба (Build 16226) која е најава за Creators Update 2 официјалната надградба за оперативниот систем и која донесува неколку видливи новитети, особено во Edge прелистувачот, емотиконите, цртањето и пишувањето со дигитално пенкалце итн.

За оние кои користат Microsoft Edge, тој сега ќе има табови со константно достапен “x” за исклучување, дури и кога има JavaScript прозорче отворено. Исто така, сега може да правите Copy/Paste кога читате електронски .epub книги во Edge или пак да ја прашате директно Cortana за селектираниот текст, а на него можете да ставите и напишани забелешки со дигитално пенкалце.

Долго најавуваната Files on Demand можност за OneDrive сега е конечно достапна за Insider корисниците во Windows 10. Ова им овозможува на корисниците на овој сервис секогаш да ги имаат достапно своите датотеки од облакот, без тие да се симнати во самиот компјутер. Нормално, со двојно кликање на датотеката ќе треба да почекате да се симне, што можеби не е корисно за поголеми датотеки, но и тоа како корисно за фотографии или документи.

Тинејџерите, но и сите оние кои компјутерот првенствено го користат за социјалните мрежи, ќе бидат среќни со новите емотикони со Unicode 5.0 стандардот, во кои може да се избере професија и пол на емотиконот. Ова е одлична вест за Windows 10 воопшто, кој се чини е секогаш меѓу првите со поддршка за нови емотикони.

Подобрувања има и кај пишувањето со пенкалце – сега ќе можете да избришете веќе напишан текст со задниот дел од пенкалцето кај Surface уредите и во Handwriting панелот за препознавање на напишаните зборови, а скролањето со пенкалцето функционира и со постарите Win32 програми. Софтверската тастатура пак има поддршка за пишување на повеќе јазици само со лизгање на прстот.

Понатаму, оваа надградба донесува сигурносни подобрувања – ќе биде деактивиран SMB1 протоколот, а нараторот наменет за слепите лица има вградена „вештачка интелигенција“, која ќе може да објасни слики дури и ако тие немаат текст. Калкулаторот пак доби можност за претворање на валути, што е одлична вест, а во подесувањата Storage Sense доби целосно нов дизајн.

Листата на промени е многу подолга, но јас се обидов да ги извадам поважните. Многу од овие функционалности очекувајте да ги видите во новата надградба на Windows 10 која ќе биде достапна при крајот на оваа година, но сите кои сакаат уште сега да ги пробаат, можат да се префрлат на Insider верзиите, со напомена дека тие не се толку стабилни како официјалните.

Извор: Venture Beat, ZDNet, TechSpot

Претходна статијаGalaxy Note 7 “Fandom Edition” ќе биде лансиран наредниот месец
Следна статијаHonor 9 е смартфон од високата класа, со цена на модел од средната