Можноста за преведување во реално време веќе одамна ни беше најавена во Star Trek и неколку други научно фантастични филмови и серии. Денес, Microsoft најави дека нивниот “Skype Translator” преведувач кој работи во реално време, покрај повиците од Skype на Skype корисник, сега ќе работи и на повици од Skype на мобилен и фиксен телефон.

Ова е голема вест за корисниците на Skype, особено оние кои го користат за бизнис. Имено, преведувањето можеби не е важно за оние кои разговараат со својата фамилија кога е во некоја друга земја, но е особено важно за разговор меѓу две компании од различни земји. Да, поголемиот ден вработените сигурно знаат и англиски, но секогаш е подобро да може да зборувате на својот мајчин јазик.

За да го пробате преведувачот на Skype, треба да ја имате Skype Preview верзијата за Windows 10, која можете да ја симнете од Windows Store, но и да бидете Insider корисник на 10-ката и тоа на верзијата 14986. Секако, за да можете да се јавите на мобилен или фиксен телефон од Skype, мора да имате купено кредит, но ако немате, секогаш може да ја испробате можноста на Skype до Skype повик.

Преведувачот на Skype сепак не работи со македонски во моментов, иако се надеваме дека ќе биде поддржан во иднина. Во моментов поддржани јазици се: англиски, шпански, француски, германски, кинески (мандарински), италијански, португалски, арапски и руски. Ако знаете некој од овие јазици или пак сакате да разговарате со некој корисник од една од земјите кои ги користат, Skype Translator е многу интересна алатка да се проба.

Извор: The Verge, Engadget, PC World

Претходна статијаSamsung спрема свитливи Galaxy S8 и Note 8 со два дисплеи
Следна статијаНов вирус ви ги енкриптира податоците, но дава да ги отклучите доколку заразите нови двајца корисници