Сигурен сум дека многумина од вас сѐ уште користат Office 2007 за своите трудови на школо или на факултет, односно го користат како дел од софтверот во својата компанија. Сепак, на овој веќе антички софтвер полека му доаѓа крајот – Microsoft ќе престане да го поддржува на 31 октомври, кога е препорачливо да се префрлите на понова верзија, односно уште подобро, на Office 365.

Причината за ова е едноставна – покрај тоа што Office 2007 нема да има нови надградби со нови можности и функционалности, нема да има ниту безбедносни надградби. Знаејќи дека најчесто најголемите опасности доаѓаат преку документи поврзани токму со програмите во Office 2007, тоа значи дека корисниците на оваа верзија ќе бидат полесно подложни на интернет напади.

Покрај Office 2007, Microsoft ќе престане да го поддржува и Outlook 2007 мејл клиентот, на кој веќе нема да можете ниту да добивате нови мејлови. Имено, овој клиент работи на застарениот Outlook Anywhere протокол, кој од 1 ноември ќе биде исклучен од употреба и ќе биде заменет со MAPI/HTTP протоколот. Причината за ова е повторно безбедноста на корисниците, бидејќи поновиот MAPI/HTTP протокол поддржува автентификација на повеќе нивоа.

Сето ова за многу корисници ќе биде и чудно, бидејќи Office 2007 и Outlook 2007 се први од модерните програми со “Ribbon” интерфејс на Microsoft, кои се составен дел од многу голем број на компании и кои и натаму се слични на поновите верзии. Сигурен сум дека и покрај препораката од Microsoft, многумина сѐ уште ќе продолжат да го користат овој пакет на производи, но за доброто на вашите приватни податоци и интернет безбедност, пожелно е да ја направите надградбата на понова верзија.

Извор: ZDNet, Venture Beat, NDTV

Претходна статијаТим Кук порачува да се учи кодирање, наместо англиски
Следна статијаZTE спрема Axon M смартфон со два дисплеи на преклоп