Старата и позната Paint апликација, која доаѓа со Windows оперативниот систем уште од неговата прва верзија, веќе нема да биде развивана и со тек на време нема да биде ни вклучена во поновите верзии од Windows.

Оваа апликација, заедно со листа од уште неколку други, се дел од листата која ја објави Microsoft со функции и апликации кои ќе бидат прекинати или целосно отстранети почнувајќи од есенската надградба на Windows 10.

Од сите набројани секако најголемо внимание привлекува Paint, но корисниците не треба да се грижат зошто апликацијата веќе ја има добиено својата модерна замена.

Наречена Paint 3D, новата апликација веќе е достапна за корисниците на Preview верзиите од Windows 10, а ќе стане достапна за сите корисници од оваа есен.

Во основа, новата апликација ги содржи сите досега достапни функции на старата Paint, спакувани во нов и помодерен изглед, но како што кажува и самото име, Paint 3D ќе има и додатни функции наменети за креирање на 3D содржина.

Сепак, доколку се’ уште сакате да ја користите старата верзија, истото ќе можете да продолжите да го правите уште одреден период. Paint нема да биде веќе развивана, меѓутоа ќе доаѓа инсталирана и во есенската надградба на Windows 10, а ќе биде отстранета во некоја од наредните верзии.

Извор: TNW, ZDNet

Претходна статијаНајнови дрон снимки од новото седиште на Apple
Следна статија#InstaMeetSkopje – 5 години од првиот собир на македонските Инстаграм корисници, нова дружба во градскиот парк во Скопје
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.