Прелистувачот кој автоматски доаѓа со секој Windows 10 оперативен систем, Microsoft Edge, на почетокот беше недоволно стабилен и функционален, но скоро две години по лансирањето на 10-ката, прерасна во силен конкурент на Google Chrome и Mozilla Firefox. Со Creators Update тој ќе добие уште неколку подобрувања, со кои во некои можности дури и ќе ги престигне своите најголеми конкуренти.

Првата видлива промена е новиот дел за подобар менаџмент на отворените табови. Тука, корисникот ќе може да види големи слики (thumbnails) од отворените веб страни, што е одлично за оние кои работат со повеќе табови. На овој начин, ќе може полесно да се види што има на истите табови, за разлика од само икона и текст, што може да биде збунувачки доколку имате отворено страни од ист веб сајт.

Edge со Creators Update ќе добие и проширена достапност на екстензии. Поточно, дивелоперите сега ќе имаат пристап до 30% повеќе API-ја од прелистувачот, па може да очекуваме многу повеќе и многу помоќни екстензии од досегашните, кои засега се само основни од типот на “adblock” и сл.

Прелистувачот ќе добие и вградена поддршка за 3D и VR, што е одлична вест за иднината и поддршката за новите веб сајтови и содржини на интернет. Edge отсега ќе може да послужи и за читање на електронски книги, што е одлична вест за оние со таблети. Да, Windows Store пазарот има многу апликации кои можат да го направат тоа, но ниту една не е совршена. Исто така, Edge ќе има подобрувања и за онлајн плаќањата.

Сите овие подобрувања во Edge корисниците ќе можат да ги почувствуваат почнувајќи од Април, кога Creators Update надградбата ќе биде официјална и ќе може да се инсталира на сите Windows 10 компјутери. Моментално, дел од овие подобрувања можат да ги проверат корисниците на Insider верзиите на Windows 10, кои имаат ран пристап до новите верзии, но само во „бета“ издание.

Извор: TechnoBuffalo, Digital Trends, ZDNet

Претходна статијаInstagram ќе овозможи споделување на повеќе слики одеднаш?
Следна статијаEA спрема нови Star Wars: Battlefront, FIFA и NFS игри, како и нова акциона игра од BioWare