Ако има некој од Вас останат на веќе античките Windows XP и Vista оперативни системи, еве една причина повеќе конечно да направите надградба барем на Windows 7. Имено, од Google веќе престанаа да го поддржуваат Chrome како прелистувач за XP и Vista и истиот е „закочен“ на верзијата 49, а Gmail, нивниот мејл клиент, ќе работи само на понови верзии од 53.

Ова значи дека корисниците на компјутери со овие два оперативни системи веќе нема да можат да ги користат сите функционалности на Gmail. Прво, тие ќе бидат предупредени дека треба да направат надградба на понова Chrome верзија со специјален банер во горниот дел на Gmail, што за жал нема да биде возможно бидејќи прелистувачот веќе не е поддржан во XP и Vista. Поточно, за да направите надградба ќе мора да инсталирате нов оперативен систем – Windows 7, 8.1 или 10.

Но, што ако не направите надградба и останете на Windows XP и Vista. Дали ќе можете и натаму да го користите Gmail? Да, но само во базичната HTML верзија. Ова е верзијата која се отвора кога имате многу бавен интернет – верувам многумина од вас веќе ја виделе. Истата овозможува да го користите вашиот e-mail, но многу од работите нема да функционираат.

Имено, со оваа верзија ќе може да пратите, примите и да одговорите на мејл, како и да прикачите и да пратите датотека. Сепак, во неа нема Google Talk, што значи дека нема да може да четувате, нема да може да ги гледате вашите контакти, нема да има ниту проверка на точноста на зборовите итн.

Решението за овие корисници, покрај нов оперативен систем е да користат некој мејл клиент, како на пример Outlook Express или пак Mozilla Thunderbird. Секако, може да инсталирате и друг прелистувач, како Firefox или Opera, но и тие наскоро ќе престанат да ги поддржуваат овие оперативни системи.

Извор: PC World, Engadget, Digital Trends

Претходна статијаФилмска Магија: Сите добитници на Оскар за најдобри визуелни ефекти (видео)
Следна статијаЅвездите од Divergent франшизата нема да снимаат за ТВ