FlashHTML5

Нешто што веќе одамна се „заговара“ од повеќето програмери и ИТ компании, конечно доаѓа и од Adobe. Flash технологијата која што мора да се признае имаше своја важна улога во развојот на веб технологиите, постепено ќе биде заменета со HTML5 (и други) и ќе престане да се користи.

Покрај тоа што се работи за до некаде застарена технологија, Flash најмногу трпи критики за честите безбедносни пропусти кои што излегуваат на површина, а исто така и за негативниот удел на перформансите на уредот на кој што се користи.

Дека на Flash му нема спас и ќе биде заменет од поновите технологии, конечно призна и Adobe. Тие преку блог објава ја истакнаа улогата која што ја имаше Flash во минатото и нагласија дека сепак поновите технологии ќе бидат користени во иднина. Flash ќе остане уште одреден период да се користи во главно за веб игри и видео содржина, нешто што според Adobe се’ уште не е доволно развиено кај новите технологии.

Додека стандардите како HTML5 ќе бидат веб платформата на иднината кај сите уреди, Flash продолжува да се користи во клучни категории како веб игри и премиум видео, каде што новите стандарди имаат уште време да созреат. Понатаму, Adobe е посветен да работи со индустриските партнери, како што тоа беше случајот со Microsoft и Google, со цел да се помогне во осигурувањето на продолжена компатибилност и безбедност на Flash содржината.

Една од главните промени во овој правец е промената на името на главната алатка за креирање на Flash содржина, Flash Professional. Оваа алатка која што е дел од CC – Creative Cloud програмите, од почетокот на идната година ќе се вика Adobe Animate CC.

Со ова од компанијата покажуваат дека сакаат да останат релевантни на пазарот за софтвер за веб анимации и да не го изгубат овој пазар држејќи се до Flash стандардот. Flash Professional веќе ја има можноста за креирање на HTML5 анимации, покрај другите, а од Adobe истакнуваат дека 30% од креираните анимации преку оваа програмата веќе се HTML5.

Со оглед на развојот на настаните, може слободно да се каже дека изборот на името е правилен чекор, а корисниците ќе ја гледаат оваа програма како алатка за креирање на повеќе видови на анимации, а не ексклузивно за креирање на Flash анимации.

Можноста за креирање на Flash ќе остане во Adobe Animate, па тие кои што планираат да продолжат да развиваат со оваа технологија нема да има потреба да бараат нова алатка.

Adobe Animate CC покрај досега достапните функции, ќе биде унапреден и со нови кои што на корисниците ќе им овозможи подобро корисничко искуство и можност за искажување на креативноста.

Извор: Adobe (1), (2), The Verge, PCWorld, ArsTechnica

Претходна статијаМикрософт објави партнерство со македонската ТДК Компјутери
Следна статијаMozilla ги укинува рекламите кои што ги воведе во Firefox минатата година
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.