Engadget

Дека ќе видиме нов смартфон од Vivo кој ќе дојде без рамки околу екранот, односно со минимални рамки и без исечок на горната страна, дознавме при крајот на минатиот месец. Во рекламата за светското првенство во фудбал од оваа компанија се гледаше ваков уред, а од The Verge тврдеа дека имаат информација дека овој уред ќе биде претставен на 12-ти јуни.

Vivo веќе ни прикажа ваков уред, поточно прототип од него, на MWC 2018. Тој беше наречен Vivo Apex, а во главно вчера официјално претставениот Vivo NEX е доработена и спремна за масовно производство верзија на овој концепт уред.

Она што прво се забележува кај Vivo NEX е дека тој навистина скоро и да нема рамка околу екранот. Уште да ги користеше Infinity екраните од Samsung, кои се заоблени од страните, уредот ќе беше „револуционерен“.

Поважно од малите рамки е дека на горната страна не е присутен исечокот којшто стана се почесто дел од новите модели на Android телефони кои сакаат да претстават уред кој е скоро целиот екран.

Vivo NEX е меѓу ретките уреди кои ова успева да го постигне, а за таа цел тие користат неколку технолошки решенија кои или ги немаме видено досега на друг уред или многу ретко.

Првата е неговата предна камера која е поставена во самото тело на уредот, па при вклучување на истата, таа „излетува“ нагоре и се покажува, па е спремна за сликање. По исклучувањето на камерата, таа се собира назад.

Engadget

Со ова решение се трга една од причините за исечок на горниот дел од екранот. Другата причина поради која обично мора да има исечок е звучникот преку кој се прави основната работа на телефонот, а тоа е слушањето на разговорите.

И во овој случај Vivo воведува интересно решение. Се работи за претворање на екранот во звучник со користење на технологија, која Vivo ја нарекува Screen SoundCasting Technology, а е слична со слушалките кои го пренесуваат звукот преку вибрации директно во коските и така до увото.

Vivo NEX доаѓа си со уште една работа која е ретка, а се очекува полека да стане достапна и кај поголемите производители. Се работи за сензор за отпечатоци под екранот, кој од Vivo истакнуваат дека поради тоа што е понова верзија, им овозможува на корисниците поголема точност и брзина на отклучување на телефонот.

Инаку, Vivo NEX работи на Snapdragon 845 и вклучува 8 GB RAM меморија, со избор од 128 и 256 GB простор за податоци. Екранот му е со големина од 6,59 инчи и Full HD+ рецолуција, како и формат од 19,3:9, што е овозможено од малите рамки околу него. Технологијата во која е изработен е Super AMOLED.

Предната камера која се извлекува е со 8 мегапиксели, додека на задната страна има двојна камера со 12 и 5 мегапиксели.

Vivo NEX моментално ќе биде достапен само на кинескиот пазар и ќе се продава по цена од околу 700 долари. Ќе има уште една верзија од телефонот со послабиот Snapdragon 710 процесор, а овој модел ќе се продава по цена од околу 600 долари.

ИЗВОРAndroid Central
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаЕлон Маск одлучи да го намали бројот на вработени во Tesla за 9%
Следна статијаGoogle веќе нема да дозволува инсталирање на Chrome додатоци надвор од Chrome Web Store
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.