Се наоѓаме во време од годината кога повремено сакаме да се залепиме пред монитор/телевизор со ќебе и пуканки и да почнеме филмски маратон кој ќе трае до сабајле. Како секоја година, во овој период излегуваат многу филмови со божиќни и празнични елементи. Нас не не интересираат тие филмови. Нас не интересираат провокативни и интересни филмови кои тераат на размислување и кои воодушевуваат од различен аспект (дали е тоа музика, кинематографија, глума итн.). Следствено на тоа, во продолжение ви нудиме трејлери од филмови кои сметаме дека имаат потенцијал позитивно да ве пореметат.

A Cure for Wellness

Филмот личи на мешавина од Shutter Island и Матрикс (но не толку епски). Се работи за млад дечко чија фирма го испраќа во Швајцарија за да го врати назад својот ЦЕО. Претпоставувате што следи? Наместо се да тече подмачкано, тој таму пронаоѓа еден сосема нов свет испреплетен со чудни кошмари, направи за мачење (?) кој нималку не личи на retreat каков што очигледно требало да биде. Излегува во февруари 2017 година. Главна улога има Dane DeHaan, одличен млад глумец кој прв пат го забележав во одличниот Chronicle.

Blade Runner 2049

Има толку многу возбудливи работи поврзани со овој римејк што не знам од каде да почнам. Како прво, она што мене најмногу ме воздубува е што Денис Виланеув е режисер. За тие што не знаат, Виланеув е режисер на можеби најдобриот филм годинава (барем за мене), Arrival. За тој филм пишував во еден претходен напис, но Виланеув ги има режирани и одличните Prisoners и Sicario. Второ, 2049 всушност е продолжение на оригиналниот Blade Runner, а Харисон Форд се враќа во улогата која ја имаше во овој филм пред 30 години. Ќе видиме како ќе се снајде Рајан Гослинг во ова опкружување, ама нешто ми кажува дека треба да се спремаме за филмско ремек-дело.

John Wick 2

Првиот Џон Вик беше ролеркоустер од забава и крвопролевање кој не се срамеше од тоа што е: безмозочна одмаздничка забава која не е ни за момент досадна. Во првиот дел гневот на Џон Вик го разбуди убиството на неговото куче (изгледа има ново), во овој дел не можам да сфатам што точно ќе биде тоа освен што сите се трудат да го убијат. Сепак, верувам дека ќе биде исто така забавен како и првиот дел.

Alien: Covenant

Не сум сигурен како овој дел е поврзан со Prometheus, ама дефинитивно изгледа одлично. Група на парови патуваат на планета која изгледа како рај за човечката раса, со намера истата да ја колонизираат (затоа патувањето во парови е добра идеја). Сепак, вообичаено во ваквите случаи, нивните очекувања спласнуваат кога на планетата наместо рај наоѓаат нешто полошо и од пекол: Aliens а.к.а. Осми Путник. Она што ме интересира е која е улогата на Мајкл Фасбендер и дали ја репризира улогата на андроидот Дејвид која ја толкуваше во Прометеј. Ако да, тогаш треба да добиеме објаснување како успеал да се најде на ова летало и како успеале повторно да го склопат во целосно тело (во Прометеј главата му беше откорната).

Silence

Овој филм не се вклопува баш совршено во оваа листа од причина што не е научна-фантастика ниту пак крвава акција. Silence е најновиот филм на Мартин Скорсезе, што само по себе е доволно да биде ставен на која било листа на филмови што мора да се гледаат. Трејлерот има одреден магнетизам и мистериозност што го прави овој филм еден од најочекуваните за мене оваа година. Според некои рецензии Silence е емоционално многу  тежок филм, а од трејлерот се гледа зошто тоа може да е така. А изгледа и дека глумата е речиси совршена.

Dunkirk

Најновиот филм на Кристофер Нолан. Том Харди глуми. Треба ли да продолжувам?

Претходна статијаКина успешно започна да го тестира EmDrive
Следна статијаGalaxy S8 Plus ќе има 6 инчен дисплеј и 8GB рам, најавува целосно прекинување на Note линијата?